Општина Кисела Вода одново ја објави тендерската постапка за избор на ревизорска куќа која треба да даде одговор околу наводите за неправилностите во делот на урбанистичкото работење на претходното раководство на Општина Кисела Вода. Се надеваме дека во овој втор обид, ќе се јават вешти лица, кои преку својата експертска анализа ќе бидат дел од почетокот на новите времиња во Кисела Вода во кои ќе се почитуваат законите. Овој процес, надворешата ревизија, е дел од предизборната програма на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, и е ветување од кое нагласи дека нема да отстапи.
– Иако сме свесни дека можеби има страв, можеби имало и закани до одредени лица кои сакаат да се пријават, сакам да ги охрабам и да им укажам дека само заеднички можеме да ставиме крај на урбанистичкото дивеење во Кисела Вода. Мораме заеднички да упатиме порака дека никој не е над законите и дека не може урбаната мафија да управува со општината. Да расчистиме со криминалот кој долги години е рефрен во Кисела Вода и да почнеме транспарентно, чисто и законски да го градиме новиот имиџ на оваа општина. На наша страна се сите граѓани. Тие побараа промени-изјави Ѓорѓиевски, охрабрувајќи ги сите стручни и чесни лица да се пријават на објавениот тендер.
Повторената постапка за избор на ревизорска куќа трае до 22.02.2022 година.