Втор случај на заболување на белите дробови од електронски цигари во Канада

Здравствените власти на канадската покраина Квебек го потврдија случај на заболување на белите дробови поради употреба на електронски цигари, пренесе телевизијата CTV.

Станува збор за вториот официјално потврден случја во Канада, а пациентот е 50-годишне маж од Монтреал, кој започнал да пуши електронски цигари во април годинава, откажувајќи ги класичните цигари.

Пред десет дена беше потврден првиот случај во Канада на заболување предизвикано од ткн „вејпинг“. Кај пациентот на училишна возраст во Лондон, во покраината Онтарио, била дијагностицирана сериозна респираторна болест, и бил приклучен на систем за одржување во живот. Младиот пациент пушел речиси секојдневно електронски цигари, и немал други здравствени проблеми од претходно.

Следните денови повеќе здруженија на канадските лекари ја повикаа владата во Отава да ги заостри правилата за продажба на електронските цигари. Канадското министерство за здравство објави дека во моментов истражува уште неколку случаи на евентуално заболување на белите дробови предизвикано од „вејпот“.

Во САД претходно беше објавено дека пет лица кои пушеле електронски цигари веќе починале. Вкупно ширум земјата се регистрирани околу 450 случаи на заболувања за кои постои сомневање дека се предивикани од употетребата на електронските цигари, односно во 33 сојузни држави, како и на американските Девствени острови. Според официјалните показатели, над 1,5 милион адолесценти станале зависни од никотин во 2017 и 2018 година, и покрај напорите на властите да ја ограничат продажбата на производи и уреди кои содржат никотин, За Канада сѐ уште нема такви податоци.