Вучиќ: Јас не се борам ни за Путин ни за Бајден, се борам за народот во Србија и нашата држава (ВИДЕО)

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денес им се обрати на медиуми, кажувајќи дека ќе ѝ се обрати на нацијата на 8 октомври, како што беше најавено.

„Од петокот навака имаме многу важни состаноци, прво доаѓаат европарламентарци, германскиот претставник, потоа во сабота одиме во Бугарија, средба со Урсула фон дер Лаен. Ќе разговарам и со Виктор Орбан, за што исто така ќе зборувам на осми. Да видиме што се случува околу таканаречено Косово и Советот на Европа, на 4 и 5 ќе го видиме тоа, на 6 е големиот самит на политичката заедница. На 7 имаме отворање на фабрика по една година напорна работа“, кажа Вучиќ.

Тој кажа дека ќе зборува за сите мерки кои ќе ги донесе државниот врв.

„Тогаш ќе зборуваме за сите наши потези, мерките, енергетската ситуација, снабдувањето со храна, луѓето да знаат колкави примања ќе имаат во јавниот сектор, ќе дознаат кои ќе бидат нашите мерки за заштеда на енергија. Сè што треба да направиме и каква политика ќе водиме, имајќи предвид сè што се случува“, кажа српскиот претседател.

Вучиќ се осврна на ситуацијата во Украина и на тоа што Србија не ѝ воведе санкции на Русија.

„210 дена издржавме со стабилна политика, мислам дека никој тоа не го очекуваше. Патот на Србија е многу тежок, трнлив… но тоа е пат кој се грижи за интересите на државата. Нема да биде лесно во иднина“, кажа тој.

„Не се борам ни за Путин ни за Бајден, туку за Србија, за оваа земја. Не ме интересираат странските лидери“, кажа Вучиќ и истакна дека притисоците ќе бидат сè поголеми.

Кажа дека на Западот нервозата е сè поголема и дека за притисоците врз Србија ќе се ангажираат и политички партии и медиуми.