Српскиот претседател Александар Вучиќ во текот на дводневната посета на Париз изјави дека во следните два месеца очекува потпишување на договорот за купување на 12 нови борбени авиони „Rafale“, како и дека на потпишувањето ќе присуствува и францускиот претседател Емануел Макрон.
Финансиските детали од потенцијалниот договор не се познати, но медиумите блиски до властите во Белград објавија проценки дека станува збор за околу 3,2 милијарди евра.
Посетата на Вучиќ, вообичаено придружена со исклучително внимание од медиумите во Србија, се случи и со поддршка на Париз на Белград на европскиот пат и потпишување на билатерален меморандум за разбирање меѓу српското и француското електростопанство, кој создава услови за стратешко партнерство при проценка на потенцијалот за развој на цивилна нуклеарна програма во Србија и енергетска транзиција.
Меѓу темите за кои разговараа Вучиќ и Макрон беа и разговорите за воено-техничката соработка, како и за процесот на дијалог на Србија со нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија, која во 2008 година еднострано прогласи независна Република Косово со поддршка на водечките западни земји, вклучително и Франција.
Американската новинска агенција Associated Press во вторникот објави дека Србија е „блиску до потпишување договор за купување на 12 неупотребувани француски повеќенаменски борбени авиони Rafale“, оценувајќи дека тоа „ќе означи оддалечување од традиционалниот воен снабдувач Русија“.
Според АP, Србија размислува за купување на нови авиони повеќе од две години откако Хрватска купи 12 користени авиони од ист тип за околу милијарда евра.
„Брзото вооружување на српската армија ги загрижува некои од нејзините соседи по крвавиот распад на Југославија во 1990-те“, пишува AP, потсетувајќи дека Србија е кандидат за членство во ЕУ, а повеќето земји со кои е опкружена се членки на НАТО.