Критичарите на српскиот претседател велат дека се изгледа дека историјата ќе се повтори – додека Александар Вучиќ го најавува „најголемиот митинг во историјата на Србија“, повикувајќи ги илјадниците приврзаници на неговата Српска напредна партија (СНС) да се соберат во центарот на Белград денеска (петок, 26 мај), на интернет кружи снимка од 5 октомври 2000 година. Тогаш илјадници српски граѓани го принудија Слободан Милошевиќ следниот ден да застане пред телевизиските камери и да објави дека повеќе не е претседател на СР Југославија и дека „ќе им се посвети на семејството и внукот Марко“.
На социјалните мрежи кружи уште едно видео – последниот митинг на Чаушеску во Букурешт, кој собра ни помалку ни повеќе туку 1 милион луѓе. Тоа не му помогна да остане на власт.
– Тогаш беше доволно само едно, единствено „уа“ – вели белградската новинарка Снежана Чонградин, потсетувајќи на подоцнежното брутално соборување на романскиот автократ.
На протестите на граѓаните власта одговара со поголем протест
Како реакција на илјадниците граѓани кои веќе три петоци излегуваат на улиците на Белград, под слоганот „Србија без насилство“, поттикнати од масовните убиства во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, а два дена подоцна и од злосторствата во селата околу Младеновац, Вучиќ најави контрамитинг на симпатизерите на неговата Српска напредна партија. Тој ги нарече антивладините протести обид за насилно преземање на власта, ветувајќи дека тоа нема да се случи.
– Нашите сестрински служби од Истокот ни велат дека ова се обиди за обоени револуции – рече Вучиќ, но не даде повеќе детали.
Земјата ќе застане на 26 мај. Весникот „Данас“ пишува за притисокот врз вработените во јавните претпријатија кои мора да дојдат да го поддржат Вучиќ. Весникот цитира седум опозициски партии кои поднеле писмо до Основниот јавен обвинител во Ниш, поради „многу честа појава на принуда“ на вработените во јавните претпријатија, јавните комунални претпријатија и јавните институции да присуствуваат и активно да учествуваат на митингот на Вучиќ на 26 мај во Белград.
Опозициските медиуми пишуваат и за други случаи на узурпација на државни ресурси за потребите на митингот на Вучиќ, меѓу кои и за презакажување на операта во Ниш. На социјалните мрежи корисниците сведочат и за откажување на училишните екскурзии за в петок да има што повеќе бесплатни автобуси за да ги донесат приврзаниците на Вучиќ во Белград од далечните делови на Србија.
Вучиќ влегува во предизборна кампања
Јово Бакиќ, професор на Филозофскиот факултет во Белград, вели дека Вучиќ со голем состанок на неговата партија всушност ја започнува кампањата за изборите што би можел да ги распише оваа есен, охрабрувајќи ги сопствените гласачи дека неговата политика не е загрозена и дека Србија под негово раководство е сè уште силна, но и натаму перципирана како регионален лидер.
– На него му е потребно да ги галванизира своите поддржувачи, да ги наполни повторно со оптимизам по големиот удар, да им каже дека ништо не се случило по голема трагедија, дека тоа се случува во другите развиени земји и дека Србија сè уште останува економски тигар на Балканот.
За Вучиќ, клучен проблем може да биде ona што новинарот Чонградин го нарекува „органски“ протест на граѓаните, кој не е поттикнат и предводен од опозицијата во Србија.
Иако Вучиќ остана на власт 11 години и покрај бројните афери, поврзани со криминалното подземје, притисокот на Западот поради одбивањето на Белград да воведе санкции кон Русија по нејзината инвазија на Украина, системот овој пат беше сериозно поткопан поради смртта на децата, што ја разбуди емпатијата кај големиот број граѓани. Општеството погодено од најголемите трагедии што можат да го снајдат, тешко ќе се врати на „стариот пат“. Според Чонградин, српскиот претседател овојпат тешко ќе се извлече.
– Без разлика колку тој турка во автобуси, заплашува, уценува јадни и сиромашни луѓе да дојдат на неговиот митинг, тие луѓе ќе си одат дома знаејќи што всушност се случува – вели Чонградин.
Аида Ќоровиќ, граѓански активист и поранешен пратеник во Собранието, вели дека чувствува страв во потезите на Вучиќ, додека тој ја губи стабилноста под неговите нозе. Затоа за неа кризата е многу поопасна и понеизвесна отколку што изгледа во моментов.
– Можни се конфронтации во самото општество во Србија – предупредува Ќоровиќ.
Ал Џезира Балкан / МИА