Вучиќ за бојкот на изборите на северот на Косово, на портпаролот на ЕУ му порача да се срами

Европската унија во саботата со вообичаената изјави ги повика „сите страни“ на воздржаност пред одржувањето на локалните избори во четирите општини на северот на поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија каде албанското мнозинство со поддршка на САД и главните земји од Европската унија во 2008 година еднострано прогласи независна Република Косово, додека водечката политичка партија на косовските Срби – Српската листа повика на бојкот што го поддржа и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Изборите ги распишаа властите во Приштина со образложение дека градоначалниците на четирите северни општини со доминантно српско население – Лепосавиќ, Зубин Потик, Северна Митровица и Звечан, сите од Српска листа, во ноември минатата 2022 година поднесоа оставки во знак на протест против одлуката на владата на Албин Курти да се одземаат возилата со регистерски таблички издадени во Србија доколку не бидат сменето во RKS, односно таблички на Република Косово.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, оцени претходно во саботата дека е „многу разочарувачка“ одлуката на Српска листа да не учествува на изборите.

Српската листа, којашто е сестринска партија на српската владејачка Српска напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ, им порача на гласачите дека изборите се „недемократски“ и ги повика „сите избирачки места да бидат празни на 23-ти април“, со што Србите од северот ќе им „испратат јасна порака на Приштина и на меѓународната заедница“.

И српскиот претседател Вучиќ во саботата ги повика косовските Срби да „покажат колку се обединети“ и дека приштинските власти „не можат да ги газат“.

Вучиќ денеска по демонстрацијата на подготвеноста, вооружувањето и опремата на Војската на Србија под назив „Гранит 2023“ за новинарите рече дека е изненаден од изјавата на портпаролот на ЕУ, Петер Стано, кој е „разочаран бидејќи Србите не сакаат да учествуваат на изборите“ и повтори дека ЕУ има обврска за спроведување на досегашните договори за што е гарант.

Србите, истакна Вучиќ, досега учествуваа „во четири или пет различни изборни циклуси кои го организираа приштинските власти“, а „не требаше да учествуваат во ниеден додека не се формира Заедницата на српските општини“, што е обврска на Приштина од Бриселскиот договор, постигнат под покровителство на ЕУ и тогашната шефица на евродипломатијата Кетрин Ештон.

„Десет години подоцна, а за тоа не е виновна само Приштина, туку Европската унија која е гарант за спроведувањето на Бриселскиот договор и тоа не го спроведе во дело, Србите и натаму се предмет на малтретирања, шиканирања и сега велат: не сакаме, сѐ додека не го спроведете она што го потпишавте“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател притоа многу остро му порача на Петер Стано дека треба да се срами од своите оцени.

„Ни ги убиваат луѓето, а велите дека сте разочарани што ние не учествуваме на изборите. Мислам дека тој портпарол на ЕУ и ги прашувам: зарем нималку не ти е срам?!“, рече Вучиќ пред новинарите.

Белград на 27-ми февруари во Брисел се согласи со предлогот на европскиот план за Косово, а пота на 18-ти март во Охрид и со Анексот за спроведувањето на тој план, но со тоа не престанаа спротиставувањето на двете страни за приоритетите и за начинот на имплементацијата на договореното.

Српската страна инсистира дека клучен предуслов е продолжувањето на спроведувањето на формирањето на Заедницата на српските општини, што властите во Приштина, и покрај притисоци во полза на тоа од страна на САД и ЕУ кои го подржуваат ткн „европски план“, одбиваат да го сторат тврдејќи дека СЗО не може да има извршни овластувања.

Косовскиот премиер Албин Курти инсистира дека СЗО може да дојде на дневен ред дури откако Србија ќе го признае Косово, додека српскиот државен врв е упорен во повторувањето дека „црвените линии“ на Србија се дека нема да го прифати членството на Косово во Обединетите нации и во другите меѓународни организации.

Србите на северот на Косово во недела кога приштинските власти ќе го спроведуваат изборите „ќе бидат мирни, одговорни и ќе чекаат некои подобри времиња во коишто ќе важат Повелбата на ОН и меѓународното право и кога ќе се почитуваат потпишаните договори“, порача во саботата Вучиќ.

Одлуката да не учествуваат на изборите во четири општини на северот на Косово и Метохија ја донеле речиси едногласно претставниците на Србите од Косово и Метохија, а тоа не е „диктат“ од Белград, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Ние сме во тешка ситуација, но тоа е волја на нашиот народ. Да ме прашаа до последниот ден, ќе скршев и ќе измерев што е најдобро. Тие донесоа речиси едногласна одлука да не учествуваат на изборите. Друго е што некои не веруваат, туку мислат дека доаѓа диктат од Белград. Не ми е гајле за тоа. Така одлучија нашите луѓе на северот на Косово“, рече Вучиќ одговарајќи на новинарско прашање во Батајница, пренесе Танјуг.

„Што ќе се случи после тоа? Ништо. Комплетна окупација, на која луѓето се веќе подготвени и навикнати. Ќе бидат мирни. Тие ќе одговараат“, рече Вучиќ.

Посочи дека Србија ќе продолжи да им исплаќа плати на Србите во Косово, како што плаќаше досега и дека ќе продолжи да се бори за нив во поголема мера отколку досега.

„Да видиме дека ќе го подигнеме нивниот социоекономски стандард и ќе чекаме подобри времиња во кои ќе важи Повелбата на Обединетите нации, меѓународното јавно право. Време кога нема да се срамат од договорот што го потпишаа. Времиња во кои нема да ги потпишат тие договори за да ѝ дадат време на едната страна да се справи со другата страна“, рече претседателот на Србија.

Вучиќ рече дека не знае што ќе бара на средбата во Брисел во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, што треба да се одржи на 2-ри мај во Брисел.

„Веќе никој ништо не ми бара и не ми се разговара со ниеден од нив. Да ви кажам искрено. Затоа што сѐ што ми кажаа беше лага. Сите заедно. Гледате дека немам никаков проблем со најчистиот српски јазик, некои би рекле остро“, изјави Вучиќ.