Премиерот на Србија Александар Вучиќ вели дека српскиот Телеком нема да биде приватизиран доколку не се постигне добра цена, но забележува дека во тој случај нема да биде среќен. Тој вели дека во тој случај компанијата ќе се најде во сериозни проблеми.
Важно е ако можеме чесно да ја завршиме таа работа и да добиеме големи пари за компанијата да оди напред. Ако неможеме да ги добиеме, нема да го продадеме, но нема да бидам среќен ако не успееме во тоа затоа што потоа не чека реструктурирање, сериозни проблеми, а прашањето е дали имаме сили сето тоа да го решиме сами, вели Вучиќ.
Тој, прашан за штрајкот на синдикатите во Телеком вели дека тоа не е ништо чудно со оглед на тоа дека живееме во економија во која многу малкумина размислуваат за иднината, туку само гледаат како да се сочува она што е веќе остварено.
Во Телекомот морате постојано да вложувате, да се натпреварувате… Сите европски земји ги приватизираа, а само ние сме по се изгледа посилни од другите, па се ќе успееме, вели Вучиќ.
Тој уште еднаш повтори дека парите од Телекомот, доколку биде продаден, нема да одат во буџетот, туку дека тие се потребни за враќање долгови за фирмата да може да оди напред.
Претставниците на двата синдиката на Телеком Србија најавија дека попладне пред владата во Србија ќе ја предадат петицијата „Стоп на продажбата на Телеком“ со повеќе од 100.000 потписи со која ќе се бара државата да не го продава претпријатието.
Тие најавија и голем протест пред владата за 11-ти ноември на кој се повикани сите што се противат на продажбата, како и партнерските претпријатија.