Вучиќ порача дека српските власти знаат кој го убил Оливер Ивановиќ

Властите на Србија го знаат името на убиецот на умерениот српски политичар од Косово, Оливер Ивановиќ, но чекаат од Приштина и од меѓународните претставници да ги добијат потребните матријални докази, изјави во средата во Белград српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вучиќ на прес-конференцијата тврдеше дека надлежните институции во Србија ја знаат целосната слика, „сѐ што се случило, со кои мотиви“, а убедени се и дека знаат кој во јануари 2018 година во северниот дел на Косовска Митровица, го уби лидерот на тамошните Срби, Оливер Ивановиќ.

Белград од Приштина, како што посочи Вучиќ, ниту по неколку барања не ги добил наодите од ДНК анализата, чаурите од оружјето со кое е убиен Ивановиќ, како ниту снимките од околните надзорни камери.

Вучиќ истовремено побара помош од претставниците на меѓународната заедница и властите во Приштина од кои очекува да одговорат на десетина прашања кои се „многу важни“ за решавање на ова злосторство, почнувајќи од снимките на надзорните камери, до податоците за лицата со криминално досие „кои се под надзор во Германија“.

„Не бараме од Албанците, бараме од надлежните структури на меѓународната заедница“, наведе Вучиќ.

Порача дека Србија нема да ја прекине истрагата за убиството на Ивановиќ, сѐ додека убијците не бидат откриени. Вучиќ ги отфрли сомневањата дека во убиството е вмешан еден од политичките претставници на косовските Срби и потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ.

Лидерот на Граѓанската иницијатива Слобода, демократија и правда, Оливер Ивановиќ, беше убиен на 16-ти јануари 2018 година пред седиштето на неговата партија во северниот дел од Северна Митровица, а иако паралелените истраги ги водат и Приштина и Белград, сторителите и наредбодавачите за атентатот сѐ уште не се откриени. Албанските власти во Приштина уапсија тројца Срби во Косовска Митровица, доведувајќи ги во наводна врска со убиството на Ивановиќ, но поединостите од истрагата сѐ уште не се познати, а на уапсените им се продолжува притворот.