Србија има за цел да ги задржи пријателските односи со Русија и никогаш нема да се придружи кон антируските санкции, изјави синоќа српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за националната телевизија РТС.
Тој како цел на српската надворешна политика го посочи и подобрувањето на односите со Кина.
– Ние одиме по европски пат. Нашата цел е да ги задржиме стабилни пријателските односи со Русија и ние никогаш нема да воведеме санкции кон Русија. Втората наша цел е развивање односи со Кина, посочи Вучиќ на прашањето дали новата влада ќе биде прозападна.
На 15 јуни Вучиќ ја предложи Ана Барнабиќ за премиер и и порача да ги зајакне односите со Европската унија, со Русија, со Кина и со САД. Како основни задачи ги наведе зголемувањето на авторитетот на Србија на меѓународен план и развој на национачната економија.
Претседателот на Србија посочи и дека никогаш нема да ја признае независноста на Косово.
– Како можам да го признам Косово, ако над Уставот се заколнав дека никогаш нема да го признаам Косово, наведе Вучиќ.