Вулверхемптон до третото место по победата над Кристал Палас

Фудбалерите на Вулвехемптон на својот стадион вечерта во петокот со 2:0 го совладаа тимот на Кристал Палас во првиот меч од седмото коло на англиската Премиер лига.

За четвртата победа сезонава на „Волците“ стрелци неа Рајан Аит-Нури во 18 минута  и Даниел Поденсе во 27 минута, кој погоди по нафрлување на Педро Нето на втората статива. Кон крајот на мечот Кристал Палас остана со играч помалку, бидејќи во 86 минута директен црвен картон поради опасен старт му беше покажан на Лука Миливојевиќ.

За францускиот 19-годишен тинејџер Аит-Нури, кој летово дојде од францускиот прволигаш Анже ова беше дебитантскиот погодок во Премиер лигата.

Вулверхемптон со победата привремено се проби на третото место со 13 бодови, колку што има и водечкиот тандем Евертон и Ливепрул но со меч помалку. Кристал Палас во седумте кола собра 10 бодови и е моментално на деветтото место на табелата.

Во сабота се играат уште три натпревара од седмото коло: Шефилд Јунајтед – Манчестер Сити кој почнува во 13,30 часот, Барнли – Челзи во 16 часот и Ливерпул – Вест Хем во 18,30 часот.

Во недела на распоредот се мечевите Астон Вила – Саутемптон во 13 часот, Њукасл – Евертон во 15, дербито Манчестер Јунајтед – Арсенал започнува во 17,30 часот, а во 20,15 часот дуелот ќе го започнат Тотенхем и Брајтон.

Во понеделник Фулам се среќава со ВБА во 18,30 часот, а Лидс Јунајтед и Лестер Сити ќе играат во вечерниот термин од 21 часот.