Вулверхемптон подобар од Челзи во интересна завршница

Фудбалерите на Вулверхемптон пред своите навивачи го совладаа Челзи со 2:1 во последниот натпревар од 18-то коло на англиската Премиер лига одигран на стадионот „Молино“.

Габонецот Марио Лемина беше стрелец на првиот погодок во 51. минута, кога со глава ја испрати топката во противничката мрежа по нафрлувањето од корнер на Пабло Сарабија. Потоа мрежите мируваа сѐ до судиското продолжение на мечот, а потоа беа постигнати уште два погодока.

Предноста на домашните ја удвои Мет Доерти во третата минута од судиското продолжение, а конечниот резултат го постави Кристофер Нкунку во шестата минута од продолжението, со својот прв погодок за Челзи на официјални натпревари.

Екипата којашто ја води Маурисио Покетино го доживеа третиот пораз во последните четири првенствени натпревари, а Вулверхемптон дојде до шестата победа сезонава и се израмни бодовни со Челзи на 22 бода, кој остана на десеттото место на табелата поради подобрата гол-разлика.