Автомобилскиот гигант „Volkswagen“ објави дека повеќе не ја исклучува можноста за затворање на погони и отпуштања во матичната Германија, како дел од програмата за намалување на трошоците на нејзиниот клучен бренд VW.
Управата на VW соопшти дека ќе го откаже долгогодишниот договор со претставниците на работниците во Германија, кој исклучува отпуштања до крајот на 2029 година и е на сила од 1994 година.
Компанијата наведува дека менаџерите веруваат дека брендот „Volkswagen“ треба да биде фундаментално реструктуиран и дека сегашните напори за намалување на бројот на работници преку програми за предвремено пензионирање и отпремнина нема да бидат доволни за да се намалат трошоците според планираното.
„Во сегашната ситуација, без брзи контрамерки, повеќе не може да се исклучи затворањето на фабриките за возила и компоненти“, објави VW.
Менаџментот сè уште не објавил конкретни бројки за тоа колку работни места би можело да бидат укинати во Германија, а не посочи кои фабрики би можеле да бидат затворени. Компанијата вработува приближно 120.000 работници во Германија.
Работничкиот совет соопшти дека водечките функционери посочиле дека најмалку една фабрика за возила и една фабрика за компоненти се непотребни.
Откако е основана, компанијата нема затворено ниту една фабрика во Германија, а во светот само ја затворија фабриката во американскиот Вестморленд, уште во 1988 година.
Покрај главната фабрика во Волфсбург, VW има фабрики во германските градови Хановер, Емден, Оснабрик, Брауншвајг, Салцгитер, Касел, Цвикау, Дрезден и Хемниц.
„Неодговорен план“
Работниот совет на VW најави борба против плановите на менаџментот. Во специјалното издание на весникот Mitbestimmen на RV, што го виде новинската агенција dpa, лидерката на советот Даниела Кавало ги нарече „напад врз нашето вработување, работни места и колективни договори“.
„Ова го доведува во прашање самиот VW, а со тоа и самата суштина на групата (Volkswagen). Ние жестоко ќе се браниме. Сѐ додека сум јас (во советот), VW нема да ги затвора погоните!“, им порача Кавала на работниците.
Остро реагираше и синдикатот IG Metalla, кој застапува многу работници на VW. Торстен Грогер, регионален шеф на синдикатот во сојузната покраина Долна Саксонија, каде што е седиштето на компанијата, рече дека планот е „неодговорен“ и „ги напаѓа темелите на Volkswagen“.
Долна Саксонија има значителен малцински удел во групацијата VW. И владата во Берлин и работниците имаат места во надзорниот одбор на компанијата, па ако се здружат ќе имаат мнозинство.
Извршниот директор на групацијата VW, Оливер Блуме, рече дека се неопходни тешки одлуки со оглед на тешкотиите со кои се соочува и VW и целиот сектор.
„Европската автомобилска индустрија е во многу предизвикувачка и сериозна ситуација. Економското опкружување е уште потешко, а новите добавувачи се туркаат во Европа“, рече Блуме. Во таков амбиент ние како компанија мора да бидеме доследни“, се вели во соопштението.
Главната марка VW со години се бори со високите трошоци, а во однос на повратот многу заостанува зад другите подружници на VW групацијата како што се Škoda, SEAT и Audi.
Програмата за намалување на трошоците започната во 2023 година треба да го сврти Volkswagen и да ја подобри заработката за 10 милијарди евра до 2026 година. Сепак, сегашните деловни тешкотии дополнително ја влошија ситуацијата.
Со цел сепак да се постигне целното подобрување на заработката, сега треба да се намалат трошоците поостро од претходно планираното. Според германскиот финансиски весник Handelsblatt, тие би морале да се намалат за дополнителни до четири милијарди евра.
„Неповолните околности се многу поинтензивни денес, па затоа мораме да ги засилиме нашите напори и да создадеме услови за долгорочен успех“, тврди шефот на марката Фолксваген, Томас Шефер во изјавата.