Порталот Пари анализира што ѝ направи инфлацијата на заработката.
Од 1996 година до годинава, независна Македонија немала двоцифрена инфлација. Првите години по осамостојувањето беа шокантни во однос на растот на цените. Tака, во 1993 година имало прoсечна годишна инфлација од 349,8 %, во 1995 просекот бил 121,8 %, во 1995 година изнесувала 15,9 %, за од 1996 година да „заплови“ во мирни води со инфлација од 3 %. Скок на инфлацијата е забележан во 2008 година кога беше ударот од финансиската криза и кога кумулативната просечна инфлација во државава достигна 8,3 %, а, пак, наредната, 2009 година влезе во дефлација која изнесуваше ‒ 0,8 %.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) првпат објави податоци за синдикалната кошница во декември 2010 година. Тогаш таа „тежела“ 29.199 денари, додека декемвриската просечна нето-плата била 21.454 денари. Разликата меѓу кошницата и просечната плата пред 12 години била 7.745 денари. Денешната разлика е 19.643 денари!
ШТО СЕ СЛУЧУВАШЕ ВО ПОСЛЕДНАТА ДЕКАДА?
Податоците од ССМ покажуваат дека пред 10 години, односно во октомври 2020 година, сме имале синдикална кошница од 31.989 денари. Ова бил износот неопходен за егзистенција на едно четиричлено семејство кое нема дури ни сопствен автомобил. Просечната нето-плата во тоа време била 21.031 денари. Последните сегашни податоци, кои се за август, покажуваат дека просечната нето-плата во државава е 31.871 денари, но дека потрошувачката кошница е 51.514 денари. Така, податоците откриваат дека за 10 години синдикалната кошница се зголемила за 19.525 денари, а просечната плата за 10.840 денари.
Минимална синдикална кошница, инфлација и просечна нето-плата низ годините
ДО ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ ИМАШЕ ПРОГРЕС
Стабилното ценовно ниво на трошоци за живот што го имавме долги години се пресликуваше и во потрошувачката кошница која ја пресметува Сојузот на синдикати. Така, во последната декада имаме осум мирни години и две години во кои инфлацијата ги изеде заработките и тоа се покажа низ сосема изменетите соодноси меѓу кошницата и платите.
Во осумте години со ниска инфлација, од 2012 година до 2020 година, потрошувачката кошница се зголемила за 1.715 денари. Наспроти скромниот раст на трошоците за живот во тој период се спроведувале политики за раст на платите и тие се зголемиле за 6.868 денари, така што растот на платите бил поголем од растот на трошоците за живот. За жал, во 2021 година почнува период на висока инфлација, кој кулминира со последната статистика за октомври 2022 година кога Државниот завод за статистика измери раст на трошоците за живот од 19,8 %. Така, во октомври годинава синдикалната кошница достигна 51.514 денари, или 15.967 денари повеќе од истиот месец лани. Од ланскиот октомври до август 2022 година просечната плата пораснала за само 2.726 денари.