Состојбата со коронавирусот во земјава остава впечаток дека работите се мирни. Во моментов, во регионот состојбата со Covid-19 е стабилна, но во Кина минатата недела беа регистрирани 32.695 случаи на инфекција со коронавирус.
Иако е далеку од нас, д-р Милена Стевановиќ, директорката на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во изјава за МИА вели дека во изминативе години научивме дека Covid-19 не е болест што лесно може да се предвиди и од таа причина мора да се почитуваат мерките за заштита како и претходно.
Без разлика што бројките не се такви какви што беа, не смееме да си дозволиме да не се заштитиме. Не е поентата да се плашиме и да паничиме, туку да се грижиме и да бидеме одговорни, порача д-р Стевановиќ.
На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје во моментов има пет до шест хоспитализирани пациенти, додека во амбулантата дневно доаѓаат околу десеттина пациенти.
Директорката на Клиниката за инфективни болести вели дека дијагностички, ковидот и грипот имаат слични симптоми во дадениот момент, како покачена температура, сериозна главоболка, омалаксаност и од таа причина бараат пациентите да се тестираат.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во период од 21 до 27 ноември 2022 година регистрирани се 174 нови случаи на КОВИД-19. Пријавени се две починати лица во изминатата недела. Се работи за едно лице од Скопје и едно лице од Куманово, со коморбидитети и починати во болнички услови. Во моментов активни се 172 случаи.
Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани вкупно 33 лица, со 32 проценти зголемување во споредба со претходната недела, од нив шест се на кислородна поддршка и нема пациенти на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.