За Боки 13 се водат три истраги

Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција води 3 истражни постапки за осомничениот Бојан Јовановски, објави „Пресс 24“.

Првата истрага се однесува на веќе познатиот случај Рекет, односно на изнуда и влијание за случајот Империја на бизнисменот Орце Камчев. Во овој случај заедно со Јовановски осомничена е и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Втората истрага на обвинителството се однесува на организацијата Меѓународен Сојуз. Во овој случај обвинителите ги проверуваат наводите за сомнителни трансакции, притисоци кон локални власти и други сомнителни активности под маската на наводна изградба на старски домови. За овој случај на распит веќе беа повикани и двајца политичари.

Третата истрага се однесува на случајот кој го обелодени бизнисменот Зоран Азманов, но и други бизнисмени за кои постојат сомневања дека биле предмет на економски рекет.

Улогата на Јовановски е заеднички именител за сите истраги. Во делата се менуваат осомничените соработници.

Јовановски повеќе од 2 месеци е во притвор за случајот со бизнисменот Орце Камчев. Денеска прв пат по приведувањето беше изведен на распит, но не даде исказ пред Русковска со образложение дека не извршил увид во доказите.