Српската премиерка Ана Брнабиќ во вторникот коментирајќи ја веста дека Велика Британија како иден претседавач со Советот за безбедност при Обединетите нации ќе ја изостави расправата за поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија којашто во 2008 година еднострано прогласи независност, оцени дека таквиот британски став е несериозен.
„Сметам дека тоа е несериозно… Особено од земја којашто излегува од Европската унија“, изјави дека Брнабиќ за новинарите во Белград, откако белградскиот печат претходно во вторникот објави дека Велика Британија не го вброила косовскиот проблем на списокот теми во текот на нејзиното претседавање со Советот за безбедност при ОН коешто го презима во август.
Српската премиерка потсетува на самитот на премиерите на земјите од западен Балкан којшто во рамките на Берлинскиот процес беше одржан порано во јули во Лондон.
„Не можам да разберам дека некој, од една страна сака да биде домаќин на таква средба, а од друга страна не сака на дневен ден да ја стави темата Косово. Не може да биде и едното и другото, тоа е политички несериозно и неискрено“, изјави Брнабиќ.
Белградските мдиуми објавија денеска дека Велика Британија од 1-ви август „има намера да ја спречи ’светската влада’ во текот на август да ја одржи редовната седница (на СБ при ОН) за Косово“.
„Доколку Велика Британија успее во својата намера, тоа би било првпат на Ист Ривер за Косово да не се расправа во тримесечниот интервал“, констатираат Вечерње новости.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ ваквата вест ја нарече „очекувана“, оценувајќи дека е „очигледно“ дека Велика Британија „не ја интересира српскиот став“ за решавањето на ситуацијата со Косово.
„Тоа за нас претставува јасна порака“, вели Дачиќ за Вечерње новости, кои на насловната страница го донесоа насловот „Лондон нема да расправа за Косово на Ист Ривер“.
Тензиите меѓу Белград и Приштина не стивнуваат веќе со денови, а српските функционери во својата реторика последните седмици често споменуваат термини како „компромисно решение“ и „разграничување“, на што албанските политичари возвраќаат со пораките дека поделба на територијата не доаѓа предвид, со предупредување дека можната последица од поделбата на територијата на Косовоп е војна. Во тие оцени најдалеку отиде косовскиот премеир Рамуш Харадинај.
„Поделбата за мене значи војна, јас тоа го велам без колебање и ризично е да се зборува за поделба“, изјави минатата седмица Харадинај зборувајќи за прашање размена на териториите.