За девет месеци патарините собрале 31,9 милиони евра

Јавното претпријатие за државни патишта во јули, август и септември од патарините прибрало рекордни 13,7 милиони евра, а за девет месеци од годинава македонските патарини инкасирале вкупен приход во висина од 31,9 милиони евра. Во сите три квартални извештаи е забележан пораст од овој надоместок, со што годинава ќе се оствари најдобар резултат во работењето од почетокот на постоењето на патарините во земјава.

Од ЈП за државни патишта за „Мета.мк“ посочуваат дека се задоволни и од досегашната имплементација на електронскиот систем за наплата на патарина. Заклучно со 1 декември, продадени се вкупно 12.812 електронски уреди, и тоа 4.463 М – таг и 8.349 М – кард уреди.

Приходот од надополнувањето на електронските уреди изнесува речиси 1,4 милиони евра за периодот од јули до декември годинава. Од продажба на електронските картички и тагови за патарина се прибрани 100.000 евра во изминатиов период.

Системот за електронска наплата на патарините започна со работа на 3 јули годинава на Коридорот 10. ЈП за државни патишта обезбеди средства преку кредитот од ЕБОР за воведување на електронската наплата на патарина и на автопатот долж Коридор 8, којшто ќе се имплементира догодина.

На крајот од август беше пуштена во употреба новата наплатна станица кај Гевгелија на Коридорот 10. Покрај за електронската наплата, со подигнатиот кредит вреден 13,7 милиони евра во претстојниот период ќе се градат и три нови патарини на автопатите Миладиновци – Штип (наплатни станици „Кадрифаково“ и „Преод“) и на Кичево – Охрид (наплатна станица „Арбиново“).