![Milorad Dodik](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Milorad-Dodik.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, во четвртокот изјави дека политиката на американскиот претседател Доналд Трамп го направила процесот на европска интеграција бесмислен и најави дека тоа ќе има влијание и на ситуацијата во Босна и Херцеговина, бидејќи Република Српска ќе ја ревидира својата принципиелна поддршка за пристапување во Европската унија.
Додик им рече на новинарите во Бања Лука дека досегашните постапки на американскиот претседател Трамп укажуваат на тоа дека Европа ќе има многу проблеми со Америка, па затоа е „глупаво да се трча во таа насока“ или „да се стремиме кон полноправно членство“ во ЕУ, што е клучната надворешнополитичка цел што БиХ ја избра како држава и за која има некаков договор меѓу сите политички партии во таа земја, кои главно се над сите други политики и цели.
„Европскиот пат е штетен за Република Српска. Тој ги одзема нејзините институционални капацитети и овластувања“, рече Додик во четвртокот.
Продолжувањето и забрзувањето на процесот на европска интеграција беше и основата на коалицискиот договор склучен по изборите во 2022 година од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Додик, HDZ BiH и бошњачко-граѓанската „тројка“ составена од SDP BiH, Народ и правда(NiP) и Наша партија (NS).
Во првата година иполовина од мандатот тие успеаја да обезбедат согласност од Европскиот совет за отворање на пристапните преговори, но по март 2024 година, кога беше донесена таа одлука, спроведувањето на реформите во БиХ беше запрено, па засега нема индиции кога би можел да започне преговарачкиот процес.
Усвојувањето на дополнителни реформски закони на кои инсистира ЕУ беше попречено од СНСД на Додик, што ја поттикна бошњачката „тројката“ да прогласи распад на владејачката коалиција во јануари и да повика на формирање нова од која СНСД ќе биде исфрлена и заменета со сегашните опозициски партии од Република Српска.
Тие начелно се согласија на ова, но водечката партија на босанксите Хрвати, HDZ BiH во моментов се двоуми дали да ја прифати оваа понуда, предупредувајќи дека во такво сценарио може да се очекуваат нови блокади. Тие алудираа на фактот дека СНСД на Додик сè уште има три од петте претставници во српската пратеничка група во Домот на народите на парламентот на БиХ, со што го контролира кворумот во тоа тело, а без негово одобрување ниту еден закон донесен од Претставничкиот дом не може да стапи на сила, иако во него би имало математичко мнозинство за новата коалиција што го посакува бошњачката „тројка“, и која поано со поддршка на српската опозиција успеа да го смени Небојша Радмановиќ од СНСД од колегиумот на тоа тело.
За Додик, Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ сега „веќе не е уставен“ бидејќи во колегиумот нема претставници од Србите, а истакна и дека ништо не може да се реши без одлуки од Домот на народите.
„Во тоа многумине не се снаоѓаат“, рече Додик, чија партија веќе поднесе иницијатива за разрешување на министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина и лидер на NiP, Елмедин Конаковиќ.
„Тројката“ речиси истовремено покрена иницијатива за разрешување на државните министри за финансии и надворешна трговија, Срѓан Амиџиќ и Сташа Кошарац, назначени од српската партија СНСД на Додик.
Претставничкиот дом треба да расправа за ова следната седмица, а бошњачката Партија за демократска акција (SDA) веќе најави дека ќе го поддржи разрешувањето на Конаковиќ од свои причини, додека опозициските српски претставници ќе гласаат за разрешување на Амиџиќ и Кошарац.
Сепак, конечната одлука за евентуалните разрешувања на тројцата министри повторно мора да ја потврди Домот на народите на државниот парламент, а неизвесно е дали таму ќе бидe остварено неопходното мнозинство.