Доколку билатералните прашања кои реферираат на историјата и образованието се дел од преговарачкиот процес, како што личи од дефинитивниот протокол кој не сме го виделе, тогаш францускиот предлог за ДОМ е неприфатлив, изјави за МКД.мк претседателката на ДОМ Маја Морачанин која околу полноќ, заедно со лидерите на Демократски сојуз и Либерално – демократската партија имала консултации со премиерот Димитар Ковачевски. Договорот мора да оди во Собрание, нагласи Морачанин.
На средбата било истакнато дека македонскиот јазик има чиста формулација, односно во ЕУ ќе биде „македонски јазик без никакви дообјаснувања, а Бугарија ќе даде свое мислење, кое само еднаш ќе биде нотирано и нема да има влијание во ЕУ и во преговорите“. Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Бојан Маричиќ ветиле дека предлогот ќе биде доставен до Собранието на Македонија.
„Незамисливо е членка на ЕУ да негира јазик, бидејќи во основите на Унијата се вредностите на почитување на јазиците, националностите и сите вредности поврзани со човекот кои се нејзиното богатство“, вели Морачанин и нагласува дека за ДОМ е неприфатливо внесувањето на билатерални прашања во преговарачкиот процес.
Ставот на ДОМ на средбата со премиерот бил дека ако ваквите теми бидат вклучени во процесот дека е јасно оти преговорите никогаш нема да завршат и дека освен тоа, на историски прашања не им е местото во ЕУ за преговори.
ДОМ инсистира документите поврзани со отворањето на преговорите да се објават преведени на македонски јазик со цел секој граѓанин да може да ги прочита и анализира, бидејќи не е лесно конкретни и многу специфични правни формулации да може секој да ги разбере на англиски јазик.
„Наш предлог е Владата самата да не ја носи одлуката, туку тоа да му го препушти на Собранието на Македонија и пратениците да можат да дискутираат и да предложат заклучоци“, вели Морачанин.