ЗА Европа, НЕ за Асимилација!

Ги продава ли СДСМ македонскиот идентитет, јазик, историја… под превезот за европска иднина на Македонија? Не, не ги подарува, зошто во политиката се’ си има свој интерес и своја цена, а која е цената и интересот во случајов треба да кажат токму СДСМ.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави рефрендум, на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат во однос на Договорот за добрососедство и пријателство потпишан меѓу Македонија и Бугарија. Поточно дали се За тоа Македонија да го напушти овој договор? Референдумот е најдемократска алатка за изразување на вољата на народот. Зошто тогаш СДСМ веднаш се изјасни Против? Нека остават народот сам да си каже. Дали го поддржува фамозниот договор со Бугарија или не? Што е тука проблем? Зошто веднаш како попарени скокнаа? Од што се плашат? Опозицијата цени дека потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство е коренот, изворот на сите спорови со Бугарија. Рака на срце Македонија си има мака со Бугарија одамна, многу одамна. Но, некако тие нивни аспирации кон македонското огромен замав зедоа по потпишувањето токму на тој Договор.

А, тој Договор беше потпишан во време кога премиер на Македонија и лидер на СДСМ беше Зоран Заев. Не верувам дека друг од СДСМ бил консултиран или прашан. Потпишан е, добар е и точка, а партијата ќе го брани цврсто и одлучно до крај. Стратегијата видена како многупати досега. Оној кој ќе се осмели да застане Против, веднаш да биде стигматизирани и јавно линчуван со сите можни алатки на партијата, од фантомски профили на социјалните мрежи, до јавно медиумско плукање по него. Тезата? Спинувана. Тој што критикува е против европска Македонија!

Види мајката. Еве мојот став е дека тој Договор треба веднаш да биде напуштен од страна на Македонија. Многу држави низ светот потпишувале разно-разни договори, па потоа ги раскинувале. И тоа Македонија треба тој Договор да го напушти со гласање во Собранието, без референдум. Но, тоа неможе да се случи зошто пратениците од власта не смеат ниту да помислат, а камоли навистина да гласаат Против. Еднаш видовме на дело што може да му се случи на пратеник во македонското Собрание ако одлучи да гласа против власта предводена од СДСМ и од ДУИ. Епа, тогаш нека има референдум. Народот нека си го каже своето. Но, тоа што лично сум против тој Договор, незначи дека сакам во политичка смисла да ја преселам Македонија на друг континент! Убеден сум дека и покрај сите лицемерија и дволичности на ЕУ, мнозинството граѓани во Македонија се За европскиот пат на нашата земја.

Па, дали на пример Норвежаните се против европскиот пат на Норвешка? Редовна постапка е во европските земји, доколку власта сака државата да ја внесе во Европската унија, да има референдум за тоа и граѓаните да се изјаснат дали се За или Против. И ако се Против незначи дека не си ја сакаат земјата. Во Норвешка на рефрендум за влез во ЕУ, 52 отсто гласаа Против. И што се случи? Ништо. Норвешка е сеуште во Европа, го оди идентичниот пат како и сите останати земји членки на ЕУ, а од голем дел од нив, дури и многу подобро го прави тоа. Каскаат зад неа! Ете на пример да се споредат Бугарија, членка на ЕУ, и Норвешка.

Секоја пропаганда, секој обид за опструирање на најавениот рефрендум, може само да се смета дека СДСМ свесно и одлучно сака да го уништи македонскиот јазик и култура, идентитетот на Македонците и историјата на Македонија. Свесно не’ турка во бугарска асимилација. Наивна и неиздржана им е тезата дека секој кој е За одржување на референдумот е Против европскиот пат на Македонија. Европските вредности треба сами да ги постигнеме, никаков Договор со никој не ни е потребен. Во друштвото на Европската унија треба да влеземе достоинствено, како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, кои имаат своја вековна историја и култура, кои се нераскинлив дел од Стариот континент и кои придонеле многу низ историјата за неговата еволуација.

Затоа „Излези ЗА Европа, НЕ за Асимилација“!

Автор: Дејан Николовски