За германски функционер одлуката на САД за повлекување на војниците е „неприфатлива“

Координаторот на Германија за трансатлантски односи, Петер Бејер, ја критикуваше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на 9.500 американски војници од земјата.

Како што беше објавено во петокот претседателот Доналд Трамп издал наредба за подготовки за повлекување или прекомандување на 9.500 американски војници стационирани во Германија. Со ваквиот потег на Вашингтон, бројот на американските војници стационирани на територијата на Германија се намалува на 25.000.

„Тоа е целосно неприфатливо, особено бидејќи никој во Вашингтон за тоа однапред не ја известил својата сојузничка во НАТО“, изјави Петер Бејер, член на конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел, за весникот Rheinische Post во изданието од понеделникот.

Германскиот министер за надворешни работи, Хеико Маас, по американската одлука во разговор за медиумите рече дека жали за одлуката на САД за повлекувањето на војници, а односите меѓу Берлин и Вашингтон ги оцени како „компликувани“.

Американската војна присутност во Германија е наследство од окупацијата по Втората светска војна во периодот од 1945 до 1955 година, кога во поделената земја беа стационирани милиони американски, британски, француски и советски војници.

Конвенцијата за присуство на странски сили, којашто е потпишана во 1954 година, дозволува осум членки на НАТО, меѓу кои се и САД, да станиционираат свои војски во тогашна Западна Германија и по крајот на сојузничката окупација.