![car-samoil-700x469](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/10/car-samoil-700x469.jpg?resize=696%2C466&ssl=1)
Самоиловата држава прва за ревизија во учебниците по историја во Македонија и Бугарија. Според информациите на Сител, за ова дискутирале членовите на мешовитата македонско бугарска комисија, каде на Бугарите им пречи што државата на Самоил е претставена како мекедонска, а на нашите историчари, пак, бугаризацијата на самоиловото царство. Предложиле да бидат додадени извори и аргументи за да нема различно толкување. Сител дознава дека од македонска страна е побарано Македонија да биде отстранета од поимот бугарски земји во учебниците во делот за праисторија кај источниот сосед.
Македонските и бугарските историчари се сретнаа во Скопје, а разговорите траеа два дена и се одржаа во Клубот на пратениците. Се разгледувале три периоди, праисторија, антика и среден век кои се опфатени во учебниците за историја од петто, шесто и седмо одделение.
Професорот Драган Ѓорѓиев кој е член на македонската група, од своја страна, пак вели дека има и простор и потреба за подобрување на наставните содржини во учебниците.
Прецизно користење на перцепција за другиот, на пример како македонскиот народ е употребен во бугарските учебницви а како бугарите кај нас. Забелешки околу глорифицирање, националистички содржини. Значи има конкретни забелешки и од двете страни и има голем простор за подобрување за да имаме педагогија за градење на мир и избегнување на конфликти, вели Ѓорѓиев.
Праисторија, антика и среден век биле темите за дискусија на мешовитата комисија, а за илинденците ќе расправаат на некоја следна средба. Разгледувале и неколку историски имиња кои би требало да ги слават како заеднички празници.
Заедничка прослава за Кирил и Методија како и заеднички да го славиме Самоил, но не секоја година туку кога ќе има некои позначајни настани, вели Ѓорѓиев.
Наредните два месеци членовите на комисијата и од двете земји треба писмено да ги подготват сите забелешки што ги имаат за што од македонската страна велат дека ќе консултираат и стручни лица. Кон крајот на ноември повторно ќе заседаваат во Софија каде ќе ги соочат пишаните аргументи. Во комисијата од Македонија има седум претставници, од кои само еден е антрополог а останатите се историчари.