За кого (не) се веат знамињата?

Скандалот со знамето на Австрија, кога при посетата на австрискиот канцелар Себастијан Курц беше поставено знаме за кое од Владата тврдат дека е на Летонија, но кое според боите не е ниту на оваа балтичка држава, ја покажува жалната слика за состојбата во Македонија.

Независно од дипломатскиот скандал, кој претставува навреда за Австрија и кој оправдано предизвика бура од критики и потсмев за владата на Зоран Заев, уште потрагичен за Македонија е односот кон сопственото знаме.

За жал, според она што беше пренесено од дел од медиумите, вчера дел од граѓаните на Македонија  го празнуваа престојниот референдум, а не Денот на независноста. Или, според лапсусот на преведувачката на канцеларката Ангела Меркел, а можеби и точно кажала, го славеа Денот на зависноста.

Македонија не може да има коректен однос кон знамињата на другите држави, ако не го сака и не го почитува сопственото. А македонското знаме вчера го немаше истакнато во повеќе градови во земјава. Не е новина што во Тетово не се вее знамето на Македонија за празниците, но чудно е што знамето го немаше ниту во Битола, Делчево, Берово, а можеби и на други места за кои не знаеме.

Како што пренесе „Курир“, на јарболите во Делчево вчера не се вееше македонското знаме. На местата наменети за празнично поставување на државното знаме се вееше само знамето на Европската Унија. До редакцијата на порталот реагираа и од Берово, каде, според граѓаните, за прв пат по 27 години јарболите во градот на Денот на независност останаа празни. И битолчани велат дека пола Битола и институциите биле без знамиња.

Историјата е полна со примери како се брани знамето на некоја држава, на некоја група, па и на спортски клуб истото да не падне во рацете на непријателот. Затоа знамето се брани и по цена на живот.

Македонија еднаш веќе се откажа од своето знаме под притисок на Грција за да го сочува името, без да ги праша граѓаните за тоа. Добивме друго знаме, а владата на Заев веќе се откажа од името, независно што ќе кажат граѓаните за тоа на престојниот референдум.

Одамна е позната изреката дека човекот прво треба да се сака самиот себе за да може да ги сака другите и да го сакаат. Истото важи за се друго. Еден човек ќе биде почитуван онолку колку што се почитува самиот, па така и државата.