Зајкова избрана за нов лидер на ЛДП

Моника Зајкова е избрана за нов претседател на Либерално-демократската партија на осмиот партиски конгрес на кој таа беше единствен кандидат за лидер. Зајкова, која досега беше потпретседателка на ЛДП и е пратеничка во Собранието, го наследува Горан Милевски кој партијата ја водеше од 2015 година.

По изборот од делегатите на конгресот, Зајкова изјави дека Либерално-демократската партија има континуитрт и долго опстојува на политичлката сцена и оти во нејзиниот мандат може да се очекуваат повидливи политики, како и конкретни иницијативи со кои ќе се подобри секојдневното живеење на граѓаните.

– Не сакаме популизам и лажни ветувања за работи кои не можат да се имплементираат, туку мали и јасни иницијативи што водат кон конкретни чекори кои ќе значат подобрување на животот и условите во државата – рече Зајкова.

Смета дека државата треба да биде фокусирана кон прогресот и, како што рече, „храбро да чекори кон продолжување на преговоите со Европската Унија, да се отвораат и затвораат поглавјата”.

– Ни претстојат сериозни реформи, процеси кои ќе бидат можеби долги и сигурно ќе нè чинат многу, но ќе значат подобра, попрогресивна европска држава, подобар животен стандард на сите граѓани – рече новата претседателка на ЛДП.

За евентуаален влез на Алијанса за Албанците во Владата, во која и ЛДП е коалициски партнер, Зајкова рече очекува да бидат формално известени за тоа од коалициските партнери и дека „ЛДП е отворена за сите прогресивни сили”.

– ЛДП ќе соработува и ќе коалицира само ако тоа е за доброто на државата и граѓаните – додаде новата претседателка на Либерално-демократската партија.

Во однос на измените на Уставот, рече дека за ЛДП никогаш не било проблем Бугарите што живеат во земјава да бидат внесени во Уставот, но заедно со нив и припадниците на еврејската заедница.

– Бидејќи како либерали секогаш сме се бореле за човековите права и за правото на самоопределување на секој. За нас не е спорно влезот на Бугарите во Уставот, но ќе предложиме и влез на еврејската заедница како дел од народ кој учествувал во креирањето на темелите на оваа држава и учествувале во Народноослободителната борба – истакна Зајкова.