Пораснав со прашањето за интеграцијата на Македонија и Западен Балкан во ЕУ. Но, изгледа како сон што го сонуваме со години и не можевме да се оствари, истакна Моника Зајкова потпретседателка на ЛДП и пратеничка на вчерашната конференција на АЛДЕ и ЛДП „Обновен наратив за забрзана интеграција на ЕУ.
-Европската унија сè уште има поддршка кај граѓаните, но загрижена сум дека по сите прашања со кои Унијата се соочува се зголемува евроскептицизмот, додава таа.
Зајкова потсети дека како земја направивме многу, но резултатот за интеграцијата во ЕУ е сè уште далеку.
-Имам чувство дека премногу зборуваме и зборуваме за тоа што треба да се направи, но не се делувадоволно со конкретни политики. На сите конференции слушаме дека земјите од Западен Балкан ќе станат членки на ЕУ кога ќе ги исполнат условите, но треба да видиме и кога ЕУ ќе покаже дека е навистина подготвена да ги прифати, појасни Зајкова.
Таа се надева дека ЕУ ќе промени некои принципи во процесот на одлучување и нема да дозволи повеќе билатерални прашања, понекогаш и многу нелогични, да бидат пречка за европска интеграција на една популација.
-Земјите треба да соработуваат внатре во Унијата за да си помогнат една на друга да станат попрогресивни и да ги зајакнат европските вредности и покрај популизмот. Треба јасно да знаеме и дека членството во ЕУ и формалниот статус таму сами по себе нема да не трансформираат и автоматски да не направат подобра земја, вели Зајкова.
Таа додава дека реформите треба да ги гледаме како процес на подобрување на условите за живот, а не како бирократски прашалник на кој треба да му одговориме.
-Знам дека ЕУ не е волшебник и не треба да идеализираме и романтизираме дека со членството работите ќе станат розови, но време е преговорите да почнат како ветер во грб и како противтежа на евроскептицизмот, вели таа.
Зајкова порача дека потребна е регионална соработка и потребно е да се учи од примерите и да се споделат добрите практики на Словенија, Хрватска кои пред нас станаа членки на ЕУ, а кои се блиски до овој регион.
-Исто така, мислам дека како регион треба се повеќе да работиме на меѓусебни иницијативи кои ќе ги испраќаме до институциите на ЕУ преку нашите партнери во Брисел. На пример, разговараме за некоја идеја за иницирање на земјите од Западен Балкан да се вклучат во зоната на слободен роаминг за населението да почувствува дека и покрај тоа што не сме полноправни членки имаме одредени придобивки. Треба да изградиме обновен наратив за забрзана ЕУ интеграција, која вклучува градење посилни заеднички институции, поголема политичка и социјална кохерентност и секако целосно вклучување на Западен Балкан во ЕУ. Затоа што не верувам во граници, верувам во вредности кои не водат кон напредок, единство, слобода, солидарност и еднаквост, заклучи Зајкова.