За македонското образование, наука и иселување!

Денешнава колумна се базира на неколку причини заради кои ја одбрав темава. Првата и најважната актуелна тема во Македонија – нашите плати, според вложениот труд и образование, втората е пописот или недостаток на 185.000 луѓе, понатаму иселувањето на младите луѓе и наоѓањето спасот во други држави, како и штрајкувачите кои секојдневно си ги бараат своите права.

Секоја единка својот вложен труд го наплаќа со профит или плата. Сите знаеме какви се нашите „бедни“ плати во скоро секој сектор, со исклучок на неколку сектори. Тие бедни плати во нашата држава, доведоа или ги натераа синдикатите и другите здруженија на голем број штрајкови од разни секторски гранки. Како нема да бидат кога животниот страндард е се’ помал, трошоците за живот секојдневно се“ поголеми, а нашата влада е отворена ко пролетна пупка како на политички, па така и на економски и социјален план. Кога истата тргна да освојува гласови со социјалните случаи и зголемувањето на минималната плата од 18.000 денари (дај боже да се повеќе и 58.000 да достигнат), кога ги зголеми наводно пензиите за 10% (заслужуваат и 100% за мене), не беше свесна дека и другите синдикални здруженија ќе бараат зголемување линеарно на нивните платите во државата. Денес посебно актуелен е штрајкот во образованието, каде учителите, наставниците и професорите си ги бараат своите загарантирани права за опстанок, а нашите деца веќе една недела не одат во училиште. Ако ги прашате децата тие се радуваат, но ако ги прашате родителите тие се како и се’ друго во нашава држава со поделени ставови. Ако ме прашате мене, реално треба да се вреднува сечиј придонес во основа на вложениот труд и постигнатите резултати. Стар социјалистички систем, нели?

Образовниот ситем е неминовен систем кој го гради и усовршува еден „homo sapiens“, од новороден примитивен род – дете, во интелектуална образовна личност – човек. Преку образовниот и воспитниот ситем се гради личноста на таа единка. Во Македонија имавме несудени голем број на реформи во образованието, според мене утка до утка, од не знам каков болоњски до кембриџ систем на образование, а не погледнавме ниеднаш на нашиот обичен селски систем. Затоа денес учиме заедно со нашите деца за родители 1 и 2, за смешно сексуално образование, наместо печатени книги отидовме толку напредно со софтверски решенија, искривена историја, згрешена географија, весела математика, наместо квалитет се доби квантитет, штанцани дипломи, платени докторати, голем број на завршени незадоволни студенти наместо работници итн.

Ќе се земам за пример на „реформиран“ образован човек. Основно завршив во поранешно ОУ Ѓуро Салај, денеска е Партеније Зоографски, средно „насочено“ (ова насочено исто беше еден вид на реформа уште во социјалистичкиот систем, бевме само две-три генерации) образование во поранешно Борис Кидрич, денеска Васил Антевски-Дрен правен смер (реформите отидоа до таму да и имињата постојано им ги менуваме). Факултет тргнав да се запишам на ФАМУ во Прага, Чешката Република, отсек режија и успеав во тоа, но за жал таа „реформска“ 1989 година, го распадна социјалистичкиот систем во светот и Чешка стана одма капиталистичка држава, па и образованиот ситем беше во приватен сектор, а моите родители немаа 30.000 долари да платат за нивниот иден режисер. Па, затоа татко ми ко напреден човек ме запиша на туризам во ФТУ Охрид. Во тоа време на 23 милионска држава имаше само три факултети за ова намена и тоа во Опатија, нашиот Охрид и виша школа во Белград замислете. Денеска во нашата држава на 1.8 милиони според последниот попис имате 5, замислете пет факултети за туризам, постојниот во Охрид, државните во Штип и географски институт Скопје и приватните факултети на УТМС Скопје и МИТ од Скопје. Затоа пак, средните од постоечки 8, денес има само два мислам во Скопје и во Охрид и да едно приватно Саба. Реформи за во отпад Дрисла, штанцање на дипломи на ангро, доделени докторати на знано и незнано, што требало и нетребало, епа затоа образовниот систем ќе ни биде нула, а децата наши полуписмени и незадоволни, зашто наместо квалитет ние избравме квантитет на голем број завршени средношколци и академски граѓани кои не можат да си го најдат свое место зашто од една страна има голем број на дипломирани академци, а мал број на работни места менаџери, а од друга страна мали плати за нивниот каков-таков академски образовен систем, па се’ што вреди и невреди (со помош на земени странски пасоши) наоѓаат спас надвор од матичната држава Македонија и одат да работат во странство.

Така во насока на ова истражување и со наеднаш изчезнувањето на страшната Ковид пандемија, наидов на многу написи, објави и огласи за потреба од работна сила во скоро сите држави во Европа и пошироко, посебно она што мене ме интересира во делот на туризмот и угостителството. Во нашата држава ваква квалификувана (колку може да биде нели согласно горе наведеното) работна сила нема ни за лек. Колку и да правиме реформи, штанцаме дипломи, нашата работна сила е во државите Малта, Хрватска, Грција, последно време се повеќе во Дубаи, Саудиска Арабија, на луксузните бродови итн. Претежно се сезонски работници, со намера да останат засекогаш во таа држава, зашто просечните плати им се движат од 800 до 1.500 евра со платени давачки и трошоци, а кај нас се фалиме со просечна плата од 400 евра и минималец од 300 евра.

Најелаквантен пример е Германија (кај неа отсекогаш недостасувале работници за секој сектор), па некаде прочитав дека „угостителската индустрија е многу атрактивна и меѓународна, па за странските работници е релативно лесно да најдат работа. Околу 35 проценти од вработените во угостителството имаат странско државјанство – повеќе од која било друга индустрија во Германија“. И тука ќе ставам точка на се’ што треба да се каже понатаму. Доволно е јасно зашто оние 185.000 „официјални“ ги нема во државата, а според неофицијални тие бројки се преку 400.000.

Затоа секој втор млад човек во држава сака да се отсели заради подобар живот или забава, секој трет нема работа соодветна на својата наука, државната администрација е преполна со вработени кои се на работа дома или на боледување заради икс здравствени причини, а онаа странска држава која има потреба од квалификувана работна сила, ги добива најдобрите кои мама и тато и системот вложувале во нив да бидат добри и паметни граѓани, а таа ги добила бесплатно за упола плата него ли што ќе ја добие неговиот матичен граѓанин. Вин-вин ситуација за странската држава, аутсорсинг топ, задоволен млад македонски граѓанин кој можел да сонува тука да зема наводно голема плата, а родителите и државата Македонија ем без своите деца, ем без млада, напредна интелетуала, ем без работници. Се се плашам дека во наредните 30 години, Македонија ќе биде држава на голем број на иселеници, а на мал број на жители со просечна старост од 60 години па нагоре. И каква иронија за крај, ние треба да се радуваме што Европа не „не сака“, а што соседите ни ставаат еден куп вета, инаку одамна овдека немаше да има повеќе од 1 милион жители. Само замислете кој ќе беа останатите!

И за крај точно пред една година (не дека претходно не сум пишувал за многу други печатени и елкетронски медиуми, според моја проценка некаде се преку 100 такви објави) како колумнист кој темите за туризмот и околу туризмот се’ што е поврзано се завземав самиот себеси да го пренесам, колку што можам нормално, во некој од електронските медиуми и понудата падна на НетПрес. Однапред благодарност до редакцијата за оваа наша едногодишна соработка. Ќе продолжиме да се дружиме и понатаму додека љубовта не не’ издаде еден ден, нели. Ова е мојата 21 колумна и како секој интелект, после една година работа, треба да се направи контрола, Американците велат monitoring, на вашата работа и да се прашате дали сте задоволни со успехот или целта што сте сакале да ја постигнете. Ако ме прашувате лично да, задоволен сум што 21 колумни напишани, сите со различни теми, а стилски се трудев да го задржам колку толку вниманието на читателите, а колку успеав вие можете да пресудите. Просек на читатели на една колумна ми се околу 400 прегледи на број. Најчитана колумна ми е за аферите во моето родно место Маврово, а најмалку читана колумната за новогодишните празници. Ако се направи ретроспектива луѓето очигледно сакаат повеќе да читаат жолти печати и колумни (не за џабе денеска најчитана вест од преку 3.000 прегледи има „Деми Роуз во најмали бикини“), отколку некое истражување, пример или насока за развој на туризмот. Ќе гледам да се поправам во се’, толку можам да ветам. Бидете ми здрави и живи и се читаме повторно.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес