За обуката на украинските војници во Хрватска ќе решава Саборот

Хрватскиот министер за одбрана Марио Баножиќ изјави во вторникот дека владата од Саборот (парламентот) ќе бара да донесе одлука за обуката на украинските војници во Хрватска, откако таа идеја ја отфрли шефот на државата Зоран Милановиќ.

Баножиќ, како што пренесе агенцијата Hina, изјавил дека верува оти во парламентот постои двотретинско мнозинство потребно за носење на таквата одлука, но не прецизирал во кој рок таквото решение мора да биде донесено. Исто така, не рекол конкретно за што би биле обучувани украинските војници во Хрватска.

Претходно во вторникот хрватскиот претседател Милановиќ одбил да го разгледа дописот од министерот за одбрана Баножиќ во кој се барала неговата согласност за обуката на украинските единици на територијата на Хрватска. Шефот на државата, кој претходно повеќепати јавно се спротиставуваше на таквата идеја, својот најнов потег го образложи со процедурални причини, тврдејќи дека барањето на министерот не е во согласност со Уставот на земјата.

„Не гледам никаква причина зошто претседателот тоа го отфрли. Ова е избегнување на јасните ставови, дали си за нешто или не си. Што се однесува до мене, процедурата може да оди натаму, во владата или Саборот, и тоа е тоа“, изјавил Баножиќ за новинарите по средбата на претставниците на владејачката коалиција предводена од Хрватската демократска заедница (HDZ).

Баножиќ рекол дека е уверен во двотретинското мнозинство, како и во пратениците кои „длабоко го чувствуваат она што се случува во Украина и во Европа и во она што може да ги загрози Европа и целиот свет“.

„И во тој правец треба да се носат одлуките. За тоа дополнително ќе разговараме во владините тела“, додал хрватскиот министер за одбрана но не рекол како конкретно би требало да изгледа обуката на украинските војници.

Сепак, Баножиќ изразил надежи дека Саборот ќе ја донесе одлуката што поскоро, бидејќи „ситуацијата во Украина со секој ден е сѐ посериозна“.

„Колку и ние да се надеваме дека тоа (војната) ќе запре, гледаме дека во Русија спроведуваат мобилизации, тренинзи. Мораме да ѝ помогнеме на Украина, добро се сеќаваме како ни беше нам“, рекол Баножиќ.