За пет месеци 96 претставки за дискриминација на социјалните мрежи, објави КСЗД

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) потпишаа меморандум за соработка со цел поддршка во национална борба против дискриминирачкиот говор и другите негативни појави во интернет просторот.
Претседателот на КСЗД, Кире Василев, истакна дека во Комисијата има најмногу пријавени претставки за дискриминација во социјалните медиуми поради дискриминирачки говор. „Оттука, јасна е потребата за потпишување на овој Меморандум, како и важноста од поширока општествена иницијатива за справување со ваквиот дискриминирачки говор“, истакна Василев.
Во тековнава година КСЗД има примено вкупно 96 претставки за утврдување на потенцијална дискриминација. За споредба, минатата 2021 година, бројот на претставки изнесувал 90. „Тоа значи дека оваа година, за период од пет месеци, КСЗД има примено на работа повеќе предмети од цела претходна година“, рече тој.
„Годинава најмногу претставки се од областа на јавното информирање и медиумите, каде потпаѓаат и социјалните мрежи. Вкупно 36 претставки се разгледувани од страна на КСЗД. Најголем број се поради дискриминирачки говор на социјалната мрежа фејсбук“, рече Василев.
Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП, истакна дека дискриминирачкиот говор и другите негативни аспекти во интернет-просторот земаат голем замав и веќе постои широк општествен консензус дека со нив треба заеднички да се избориме.
„Денеска речиси не постои човек, кој, за жал, не се соочил со некоја дискриминирачка содржина или некаков негативен коментар во интернет-просторот. Превенцијата е клучна. Затоа не треба да дозволиме дискриминирачкиот говор да прерасне во нешто многу поголемо како што е говорот на омраза и со тоа да не попречи да изградиме инклузивно општество кое ќе почива на здрава комуникација“, истакна Кордалов.
Според него, мора јасно да се посочи дека никој никому не попречува слобода на говор. „Напротив, без дискриминирачки говор и навреди во интернет просторот секој од нас ќе има многу поголема слобода во изразувањето“, рече тој.

Двете страни потписнички ќе работат и на изнаоѓање на заедничка платформа за автоматизација на пријави поврзани со дискриминирачки говор на интернет до Комисијата преку аплицирање за меѓународна поддршка за имплементација на таков софтвер-решение од поширок јавен интерес и примена.