За приклучок за струја ќе се наплаќа 370 евра наместо 500

Регулаторната комисија за енергетика (RKE) донесе одлука со што ги намали тарифите што корисниците ги плаќаат за стандарден и повторен приклучок на електрична енергија.

Со оваа одлука стандардниот приклучок за струја, што до сега чинеше 500 евра, во подрачјата каде што општините имаат донесено детален урбанистички план, сега ќе чини 370 евра. Тоа е намалувањето од 26%, а новите цени стапуваат во сила веднаш.

Според Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, битно е што со новите мрежни правила за дистрибуција зголемен е опсегот и опфатот на домаќинствата што ќе се стекнат со статусот на стандарден приклучок.

-На тој начин повеќе нема да има цена на нестандарден приклучок што досега чинеше над 2.000 евра, бидејќи овие граѓани живееја во подрачја каде што не беа донесени ДУП. Ние повеќе пати апелиравме до општините, особено во западниот дел од земјава во општините Теарце,Тетово, Гостивар да се носат навреме ДУП, со цел овие граѓани да можат да добијат третман на стандарден приклучок, а не како досега третман на нестандарден приклучок и на ЕВН да и плаќаат толку висок износ, а тие реално живеат во урбанизирани средини-појаснува Бислимоски.

Драстично намалување од 75 проценти има за трошокот за повторно приклучување што досега изнесуваше 1.740 денари, а сега ќе изнесува околу 440 денари.

-На овој начин на најранливите категории на потрошувачи кои имаат проблем со плаќањето на сметките, им овозможуваме своите трошоци за електрична енергија да ги намират и да не даваат високи средства за повторен приклучок – нагласува Бислимоски и дополнува дека приклучувањето од страна на ЕВН ќе биде во најкраток можен рок.

Кај домаќинствата, кај кои ќе се врши одвојување на мерните места што досега на ЕВН и се плаќаше 500 евра, сега ќе чини 200 евра што значи има намалување од 60 проценти. Тоа најчесто е кај индивидуалните куќи каде што има одвојување на мерните места, кои дотогаш биле на едно броило.

-При промена од монофазен во трофазен приклучок на струја, досега на ЕВН и се плаќаше 500 евра, сега ќе чини 200 евра што исто така е намалување за 60 проценти – вели Бислимоски.

Донесени се и нови правила за безбедносни растојанија кои што се малку ригорозни, но со нив се штити безбедноста на граѓаните.

За новата методологија за пресметка на цената на горивата, што се одредува на секои 7 дена, Бислимоски вели дека тоа е веќе предуслов кон либерализација на пазарот на нафта и нафтени деривати што во следниот период ќе се реализира. Според него трговците сакаат стабилна маржа која ќе им овозможи развој.

Што се однесува за активирање на нафтоводот Скопје-Солун, Бислимоски вели дека РКЕ не е вклучена во тој дел, но смета дека треба да почне да се користи како продуктовод при што ќе биде поевтин транспортот на горивата.

-Кога ќе профункционира ние како комисија треба да одредиме правила за пристап на трети страни, односно да можат да го користат и трговци за нафта и нафтени деривати – вели Бислимоски.

Цената на водата во Скопје останува иста

Регулаторната тарифа за цената на водата во град Скопје, РКЕ ја одреди минатата недела при што таа остана иста. Одлуката е донесена во согласност со законската регулатива со законот за определување на цени за водни услуги. Во сите општини во државата има три услуги и тоа трошок за вода за пиење, трошок за прочистување и трошок за одведување, односно канализација.

-Крајната цена за водата за пиење во град Скопје, останува иста, но ќе има различни ставки во сметките за вода што скопјани ќе ги добиваат, а тоа е законска одлука, но збирот пак е ист – појаснува Бислимоски.