За првпат двоцифрена инфлација во Хрватска од 10,8 отсто

Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка во мај годинава се зголемени за 10,8 отсто во однос на истиот месец од 2021 година, објави во средата Централното биро за статистика (ЦБС), што е нова највисока стапка на инфлација откако ЦБС собира податоци.

Инфлацијата продолжи да расте и во мај, а според објавените податоци, како највисока годишна стапка на инфлација важеше онаа во април, кога изнесуваше 9,4 отсто. Пред април 2022 година, најголемата инфлација беше регистрирана во јули 2008 година, кога изнесуваше 8,4 отсто.

Инаку, во март годишниот раст на инфлацијата беше 7,3 отсто, во февруари 6,3 отсто во јануари 5,7 отсто, во декември 2021 година 5,5 отсто, во ноември 4,8 отсто, во октомври 3,8 отсто и во септември минатата година 3,3 отсто, додека првото посилно зголемување на стапката на инфлација е забележано во април минатата година за 2,1 отсто, пренесува Јутарњи лист.

На месечно ниво раст бележат цените на стоките и услугите за лична потрошувачка, мерени со индексот на потрошувачките цени, кои во мај се во просек за 1,4 отсто повисоки од април, додека цените се со просечен раст од 5,4 отсто на годишно ниво.

На годишно ниво скоро сите категории бележат пораст, а најмногу транспортни цени за 19 отсто. Со раст од 15,2 отсто се храната и безалкохолни пијалоци, а рестораните и хотелите со 12,1 отсто. Следат категоријата домаќинства – опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата, која бележи скок од 11,7 отсто, потоа категоријата домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, со раст од 9,2 отсто. Единствен пад на цените на годишно ниво бележат комуникациите, за 0,4 отсто.