Светската здравствена организација (СЗО) сè уште не го означила ширењето на коронавирусот како пандемија, а тоа не го направи ниту Американскиот центар за контрола и спречување на болести (ЦДЦ).
Но епидемиолози и експерти за јавно здравје утврдиле дека светот веќе се соочува со пандемија, поради што од денеска американската телевизија Си Ен Ен ширењето на коронавирусот ќе го нарекува „пандемија“.
Доктор Санџај Гупта, главен известувач на Си Ен Ен за здравство, појасни дека одлуката не била едноставна и дека звучи алармантно, но дека не треба да предизвикува паника.
Сега има над 100.000 заразени и над 3.000 смртни случаи кои му се припишуваат на овој нов вирус. За еден ден минатата недела, бројот на нови случаи надвор од Кина, од каде потекнува вирусот, беше речиси девет пати поголем од бројот на нови случаи во Кина. Овој вирус се рашири насекаде, освен на Антарктикот. Во неколку земји, бројот на случаи продолжува да се зголемува, објави Си Ен Ен.
– Некои од тие земји „имаат одржливо пренесување на заразата во нивната заедница во значителен вид“, рече д-р Вилијам Шафнер, професор на универзитетот Вандербилт и долгогодишен советник на ЦДЦ. – Спој го сето тоа заедно, и добиваш пандемија, потенцира Шафнер.
ЦДЦ вели дека пандемија е „епидемија која се проширила во повеќе земји или континенти и обично погаѓа голем број луѓе“, додека епидемија „често е ненадејно зголемување на бројот на заболени над нивото кое обично може да се очекува во популација на одредено подрачје“.
Ако и критериумите за пандемија не се универзално дефинирани, сепак постојат три општи правила: вирусот да предизвикува болест или смрт, да се пренесува од човек на човек и да постојат докази за ширење во целиот свет.
– Фактот дека вирусот предизвикува болест, вклучувајќи болест која може да резултира со смрт, и тоа што се шири од една личност на друга е загрижувачки. Овие фактори задоволуваат два критериуми за пандемија. Со оглед на тоа дека болеста се прошири во голем број земји, светот се приближува до исполнување на третиот критериум, изјави неодамна др. Ненси Месонер од ЦДЦ.
Сепак, Гупта смета дека како ќе се нарече ширењето на оваа болест е и прашање на семантика. Но и самото прогласување носи конкретни акции кои се преземаат. Тоа значи дека фокусот веќе не е само на сузбивање, туку сè повеќе на ублажување на ширењето на коронавирусот.
– Очекуваме ширење на болеста во САД. Не е прашање дали тоа ќе се случи, туку кога и колку луѓе во земјата сериозно ќе се раболат. Доколку биде практично, ќе задржиме двоен пристап во мерките за сузбивање на болеста, но и ќе користиме стратегии кои го минимизираат ефектот на нашата заедница, истакна Месонер.
Доктор Џером Адамс, шеф на американското јавно здравство за Си Ен Ен изјави: На почетокот работевме на сузбивање на болеста, за на луѓето да им овозможиме повеќе време за ова каде сме денес. Сега преоѓаме во фаза на ублажување, што значи на јавноста и помагаме да сфати дека ќе има уште случаи. за жал, ќе има и уште мртви, но тоа не значи дека треба да паничиме. Тој појасни дека ублажувањето не исклучува превенција, туку значи предвидување и подготовка за голем број пациенти во болниците. Иако во моментов не се случува, тоа ќе биде најитното прашање со кое ќе се соочат САД и многу други земји.
Според проценките на американското Министерство за здравство, дури и во умерена епидемија, околу 200 илјади луѓе во САД би имале потреба од интензивна нега. САД во моментов располага со помалку од 100.000 кревети во единиците за интензивно лекување. При умерена пандемија, околу 64 илјади луѓе би требало да бидат приклучени на механичка вентилација, односно апарати за дишење. Се проценува дека во САД има само 62 илјади такви апарати, но со оглед на сезоната на грип, голем дел од нив се веќе во употреба.
Според Гупта, важна е терминологијата, бидејќи ќе наложи подготовка за она што следува во САД – карантин, затворени училишта, откажани јавни собири.
„Човештвото и претходно совладувало пандемии. Во овој глобално поврзан свет можеби од нас ќе побараат да држиме поголема дистанца, но тоа не значи дека не можеме да се усогласиме како нација или свет“, порачува Си Ен Ен и заклучува„Ова е криза која можеме да ја совладаме само ако соработуваме сите заедно“.