Македонскиот народ, за жал, по којзнае кој пат веќе го преживува „синдромот на туширање“. Го преживува без да извлече поука, го преживува препуштајќи му се лесно и без борба, го преживува во полза на сопственото самоуништување.
Што е всушност „синдромот на туширање“?
За прв пат го среќаваме во хитлеровите логори на смртта каде биле водени претежно Евреите, но и останатите „неариевски“ раси на, како што официјално беше претставувано, принудна работа. Работа, колку принудна, толку и „општествено корисна“, посебно за нацистичката воена машинерија. И навистина, оние здравите, јаки, работоспособни мажи, на почетокот, во логорите, беа користени како работна сила. Се додека од претераната работа, изгладнетоста и болестите не стануваа живи мртовци и, со самото тоа, повеќе „неупотребливи“.
Потоа, тие, исто како и изнемоштените жени, децата, старците и болните, беа носени во посебни зданија, каде најпрво ќе одат под туш, а потоа ќе бидат испратени на „посебна нега“. И луѓето на почетокот верувајќи влегуваа во посебните зданија со колективни тушеви. За жал, оттаму не излегуваа затоа што од тушевите наместо чиста и топла вода, излегуваше отровниот гас „Циклон Б“ (кој патем се’ уште се произведува во хемиските погони на Бајер во Леверкузен и се’ уште го користат тимовите за дезинфекција, дезинсекција и дератизација ширум светот) па, влезените во тешки маки умираа гушејќи се од испуштениот гас.
Многу брзо, вистината за собите за туширање и гасот кој наместо вода излегува од тушевите, се прошири меѓу жителите на логорите на смртта. Луѓето веќе точно знаеја дека таму, во зданијата со колективни тушеви, се влегува за да не се излезе, се влегува во смрт со гушење од отровниот гас.
Но, и покрај тоа, сите тие во колона, мирно и кротко, влегуваа во „собите за туширање“ некаде длабоко во себе верувајќи дека тоа ним нема да им се случи и дека токму денес, на нивна среќа, од тушевите наместо „Циклон Б“ ќе потече чиста и топла вода. И покрај тоа што оној кој до вчера ја делеше затворската соба со нив, оној кој лежеше во креветот до нивниот, оној кој страдаше заедно со нив, откако отиде „на туширање“ повеќе не се врати, тие веруваа дека тоа нема токму и ним да им се случи и дека токму тие, замиени и чисти, ќе се вратат во својата соба.
Ете тоа е „синдромот на туширање“, со кој преку „собите за туширање“, во смрт заминаа милиони луѓе. Кротко и тивко, верувајќи дека злото ќе ги одмине токму нив.
Денес, ние Македонците го живееме токму овој синдром. И постојано, длабоко во себе, веруваме дека злото ќе не одмине токму нас, иако му се случило на оној до нас, на соседот, на колегата од работа, на пријателот, на некој роднина, на некој познаник… Па, кога некое младо дете ќе биде прободено со нож, си велиме дека тоа нема да му се случи и на нашето. Кога некој ќе остане без работа, си велиме дека тоа не може да ни се случи и нам. Кога ќе пропадне некоја банка и некој ќе остане без, со мака заработените, пари, си велиме дека нашата банка е сигурна. Кога слушаме дека се уште има присилно раселени луѓе од своите огништа од Арачиново, ни изгледа дека е тоа некаде таму далеку. Кога Нефи ќе претепа некого со пиштол среде бел ден, некако сме сигурни дека тоа не може да ни го стори и нам. Кога слушаме дека ќе завладее можеби најголемата економска криза која до сега ја доживеало човештвото, ние се однесуваме како да не сме дел од тоа човештво…
За жал така беше и кога предупредувавме дека ќе ни го сменат името, ќе ни го избришат идентитетот, ќе ни воведат двојазичност, ќе ни ја сменат историјата, ќе не избришат како Македонци… Многумина веруваа дека тоа не може да ни се случи и мирно и кротко тргнаа кон „собите за туширање“.
Денес, кога е повеќе од очигледно дека државата е пред банкрот, дека федерализацијата е следниот чекор кон распад на татковината, дека целиот свет, а посебно сите наши соседи молскавично се вооружуваат бидејќи се свесни дека, историски, краен резултат на секоја голема светска криза биле големите војни, само ние, за жал зафатени од „синдромот на туширање“, се’ уште веруваме дека токму нам, ништо од сето тоа нема да ни се случи.
И мислејќи така, ќе влеземе целосно неподготвени во она што ќе се случува – во криза во која многумина ќе ги изгубат работните места, во криза во која не се знае кога ќе престане да се исплаќаат платите и колку месеци подоцна и пензиите, во криза во која заради старо-новата Влада докажана во својата коруптивност, криминал и неспособност ќе дојде до колапс на системот.
Мислејќи така, ќе влеземе во вековните национални програми на соседите во однос на Македонија и македонското прашање – од Призренската лига, преку Мегали идејата, па се’ до Санстефанскиот недосонуван сон.
И се’ додека мислиме дека токму тоа не може да ни се случи токму нам, е токму тоа ни се случува. А, ние Македонците во колона, мирно и кротко влегуваме во „собите за туширање“. Соби од кои нема излегување.
Доколку многу скоро го сфатиме тоа и влеземе во битка за сопствениот опстанок, имаме некаква шанса да опстанеме како народ. Доколку не, доколку продолжиме да го живееме „синдромот на туширање“, ќе го доживееме синдромот на самоуништување. Битка која мораме да ја почнеме уште денес, зашто веќе утре ќе биде доцна.
Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес