За сметка на граѓаните кои одвај врзуваат крај со крај, Заев ги хонорира сопартијците

Македонските граѓани се потешко го врзуваат месецот и голем дел се на раб на егзистенција, а други секојдневно ги губат работните места, но Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев си ги згрижила сопартијците или блиски луѓе на нивните владини партнери.

Вчера беше објавен списокот со над 50 тајни хонорарци ангажирани во Владата, меѓу кои има доста звучни имиња. Покрај многуте, се најде името и на професорот Ванчо Узунов, кој е поранешен потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз, и истиот е ангажиран за месечен надомест од 53 илјади денари, народни пари. Но, за таа сума на пари професорот грчевито почна да го фали и прани премиерот Заев.

Имено, треба да се спомене дека едно време кога премиерот, Зоран Заев ја убедуваше со членството во НАТО, Македонија ќе има повисоки плати а граѓаните економски ќе живеат подобро , Узунов категорично се спротивставуваше на Заев.

Узунов во телевизиско гостување соопшти дека Македонија економски нема да добие ништо од воената алијанса.

„Ништо НАТО нема да ни донесе, ние треба да си оствариме. Значи не може современ развој да биде чекање, некоја трик карта, некое членство и ние ќе се развиеме“, велеше Узунов во јуни 2019 во однос на тврдењата на премирет Заев дека членството во НАТО за нас значи мир и стабилност и е најсилна гаранција за нашата безбедност, дека тоа ќе донесе подобар живот за нашите граѓани, како на политички, така и на економски план.

Од, во одредени моменти критичар на Заев, професорот Узунов стана страствен бранител на тезите и потезите на премиерот. Минатата година, во услови на пандемија и криза, кога се покачуваше акцизата на горивата од три денари, тој го поддржуваше и го бранеше ваквиот чекор.

„Bо време на криза, кога очите на сите, разбирливо, се вперени во владата и буџетот и чекаат поддршка од таму, некој мора да мисли и за полнење на тој буџет. Затоа, оваа мерка на владата, во овие услови, е сосема оправдана, бидејќи ќе биде извор на приходи, веројатно поевтин и од секое позајмување од надвор”, велеше универзитетскиот професор Узунов на 21 април 2020 кога државата беше во тешка економска и здравствена криза поради корона вирусот.