Независната угостителска комора бара нивната дејност да не биде опфатена на кој било начин во ограничувањата и условувањата за работа во недела. Ставот кој го соопштија денеска угостителите е дека целокупната угостителска индустрија мора да биде изземена од комбинации во иницијативата недела да биде неработен ден и за угостителството.
„Какво било ограничување со кое на дел од угостителите ќе им биде ограничено или условено работењето во кој било ден, не само недела, е дискриминација и деградација на тие угостители“, се вели во соопштението на НУК.
За нив се неприфатливи најавите одделни угостителски објекти да продолжат да работат и во недела со обезбедување дополнителни потврди или лиценци за нивна оправданост.
„Комората ја поздравува прифатената иницијатива на Владата и потребата од законско прогласување на недела за неработен ден, но укажува дека за разлика од минатото кога семејните неделни ручеци, слави и веселби се правеле во домовите, денес тие многу често се одржуваат во кафеани“, смета комората.
Ваквиот став на НУК доаѓа по вчерашната средба на нивниот претставник со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која објави дека во насока на прифатената иницијатива на Владата недела да биде неработен ден, изминатите денови се водат интезивни работни средби со претставници на сите засегнати страни со цел да се подготви законското решение.
„Синдикатите, Стопанските комори, Организација на работодавачи со кои заедно со претставници од Министерствата за економија, финансии, информатичко општество, разговаравме и ги отворивме сите прашања, со цел изнаоѓање на најприфатливо и најиздржано решение.
Во таа насока беше и денешната средба со претставникот од Независната угостителска комора со цел да се слушне и мислењето на угостителите во однос на ова прашање“, објави вчера Шахпаска.