За влез во ЕУ по 7 евра ќе се наплаќа од ноември идната година

Европската Унија (ЕУ) го одложи почетокот на примената на Европскиот систем за патни информации и одобрување (ЕТИАС), според кој патниците надвор од ЕУ ќе плаќаат 7 евра за влез. Овој систем ќе почне да се применува од ноември 2023, а не како што беше најавено во мај 2023.

ЕТИАС е систем наменет за секој жител на земја надвор од ЕУ, а на која не ѝ треба виза за влез. Овој систем нема да биде за оние кои досега требале да вадат визи за влез во ЕУ. Жителите надвор од ЕУ, меѓу кои и Македонците, ќе треба да се пријават за влез во ЕУ пред да патуваат, а тоа ќе ги чини 7 евра. Пријавувањето ќе се врши со пополнување на краток онлајн-формулар и прикачување фотографија од пасош. Сите посетители на возраст од 18 до 70 години кои пристигнуваат во ЕУ од странство ќе мора да аплицираат за престој во рамките на Шенген преку ЕТИАС и да платат.

Овој услов ќе важи за сите британски и американски посетители, но и за БиХ, Србија, Албанија, Македонија, Црна Гора.

Плановите за воведување на ЕТИАС се во сила веќе неколку години, а неговата цел е да се воспостави подобар систем за надзор на шенгенските граници преку претходна проверка на патниците. Шенген ги вклучува повеќето земји-членки на ЕУ, но и земји како Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.