Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и вечерва одржа протестен марш во Скопје. Учеснициците, кои се движеа од Владата на Република Македонија до Собранието на Република Македонија ги повторија своите барања дека се за заедничка Македонија и се против платформи направени во други држави.
Пред Собранието на присутните им се обрати Богдан Илиевски од Иницијативата посочувајќи дека вчера дојде уште една поврда дека платфромата од Албанија е да ја редефинира Македонија.
– Тиранската платформа удира по фундаментот на оваа држава по суштината на РМ, Македонија како заедничка држава на сите и заедничка Македонија ќе победи на крај, рече Илиевски.
Тој посочи дека тука стои горд народ и порача да ги тргнат рацете од државата оние кои заговараат редефинирање.
– Ако и мислите добро на Македонија откажете се од платформата, потенцира тој.
Илиевски како нов поддржувач ја најави историчарката Ана Русинова која потсети на улогата на жената во создавање на македонската држава и потенцира дека само унитарниот карактер на државата го гарантира заедничкиот живот.
Елена Мисиркова од Иницијативата „За заедничка Македонија“ потенцира дека се тука со отворена намера да си ја зачуваат државата, да го зачуваат суверенитетот.
– Нема потреба да се оправдуваме зошто сме овде. Тоа е заветот на нашите предци. Ние имаме морален код на љубезност, на гостопримство, отворено срце на секој што доаѓа во нашата земја, но доволно е од мирољубово набљудување на тоа како некој сака да не распарчи, како да не разнебити и треба да се спротивставиме на тоа сите, рече Мисиркова.
Андријана Јаневска ја изрази поддршката на Иницијативата и рече дека човечкиот род се одржува само со правење добри дела и порача дека додека има време да се освестиме и сфатиме дека единствено добро за сите нас е сплотеноста.
Беше прочитана поддршка и од ракометарот Кирил Лазаров.
Илиевски на крајот на протестниот марш ги повика присутните и да се приклучат на протестниот марш утре.