За Заев пописот е најважна државничка работа, за државата да не работи во матно

Одговарајќи на новинарско прашање за важноста од пописот и можноста од одложување на истиот, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, посочи дека преку инклузивен процес секогаш можат да се решат сите прашања и кога има простор да се постигне консензус.

Но, како што истакна тој, 20 години Македонија нема попис.

-Тука во Владата, на локално ниво, градоначалниците, сите јавни државни, локални претпријатија, сите приватни фирми, па и целиот наш народ, работиме во магла, во матно, не ги знаеме бројките. Не знаеме колку сме, каде сме распоредени, кои ни се индустриските параметри, кои ни се основните ресурси и каде тоа дава сериозни индикации за зголемување на економскиот раст на државата, потенцираше премиерот Заев.

Како што рече премиерот Заев, пописот е статистичка операција и наша должност е да ја направиме.

Предвиден е да се спроведе од 1 до 21 април и тој треба да се заврши. Уште еднаш ќе повторам. Лето никаде не се прави попис, септември е кампања, октомври се локални избори. Ако одлагаме, за кога да одложиме. За мај? Тоа нема ништо да смени. Треба да се фокусираме сите одговорно да го завршиме пописот, а тоа е граѓанска обврска јасно утврдена со закон. Ако сме држава, треба државнички да се однесуваме и државнички да се поставиме. Пописот е насушна потреба во интерес на сите граѓани, заклучи премиерот Заев.