Германија, Франција и Велика Британија во четвртокот, на маргините од неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија во Букурешт, воспоставуваат посебен европски инструмент за финансиски трансакции со Иран чија цел е заобиколување на американските санкции.
Европскиот механизам ќе се нарекува INSTEX, според англисиот назив за Инструмент за поддршка на трговската размена (Instrument In Support Of Trade Exchanges), објави во четвртокот германската телевизиска мрежа NDR. Заедничката изјава на Франција, Германија и Велика Британија, трите покровителки на овој проект, треба да биде објавена во трите престолнини. INSTEX ќе биде регистриран во Франција, ќе има германска адреса, а првите средства ќе ги уплатата овие три земји, кои во 2015 година го потпишаа никлеарниот договор со Иран.
Овој меѓународен договор за ограничување на иранската нуклеарна програма го потпишаа уште и Кина, Русија и САД, во времето на американскиот претседател Барак Обама, но неговиот наследник Доналд Трамп одлучи да го повлече Вашингтон од договорот и наметна нови санкции против Иран. Незадоволни од содржината на договорот со Техеран, САД по повлекувањето ги предупреди европските сојузници дека ќе се соочат со последици доколку се обидат да ги заобиколат санкциите кон Иран. Тоа предизвика во втората половина од минатата 2018 година од иранскиот пазар да се повлечат германски и француски компании, особено од телекомунакацискиот и автомобилскиот сектор.
INSTEX е меѓувладин проект и ќе ја има поддршката од Европската унија во рамките на текстот на заклучоците за Иран, кој во средата го одобрија претставниците на 28-те земји членки во Брисел. Во овој текст, земјите членки на ЕУ го поздравуваат тоа што Иран ги почитува обрските преземени со Заедничкиот сеопфатен план за акција (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA), што е официјалниот назив на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.
Специјалниот инструмент за плаќање ќе му овозможи на Иран да го наплати својот извоз, што САД во моментов го блокираат со своите санкции.
Но во ЕУ се истовремено загрижени од програмата за балистички проекти со долг дострел кои ги развива Иран, како и од иранските активности во регионот, во прв ред со учеството во судирите во Сирија и во Јемен, па и препораката упатена до Исламската Република е многу силна, се наведува во писмената изјава којашто ја пренесува агенцијата AFP.
Првиот проект за заобиколување на американсктите санкции предвидуваше Иран да продолжи да ѝ продава нафта на Европската унија и да ги плаќа стоките кои ги купува од нејзините земји членки според моделот на компензација. Меѓутоа, бидејќи во ЕУ практично повеќе не се купува нафта од Иран, INSTEX првенствено ќе биде наменет за работата на малите и средните претпријатија.