Православната Црква на 15/28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Небозрачната светлина со која сјае Нејзиниот лик го осветлува и овој празник, на кој човекот веднаш сфаќа дека смртта е всушност чин на животот. Црквата никогаш во смртта на Богомајката не почувствувала страв, ниту ужас, ниту жалост и надгробно ридање, туку секогаш една блескава воскресна радост.
Хеортологијата ни дава податоци дека во почетокот се славел само еден сеопшт Богородичен празник, кој доаѓал веднаш после Божик (денес тоа би бил празникот „Собор на Пресвета Богородица“, втор ден Божик), и кој веројатно опфаќал повеќе важни настани поврзани со Пречистата Богородица. Од овој празник посветен на Богомајката подоцна се издвоил празникот Успение. Имено, најпрвин во Ерусалим и во палестинските манастири започнал секоја година да се слави тој општ празник на Богородица, што се гледа од еден Панигирик од 530 год., во кој се вели дека денот на Богородица низ палестинските манастири се прославува со голема свеченост.
Но, овој Панигирик не ни дава податоци кога се слави овој спомен и дали воопшто се славел споменот на Успението на Богомајката или само годишниот општ спомен. Од еден стар ерменски Лекционар, пак, дознаваме дека „15 август е денот на Марија Богородица“. Но, и овој документ не ни дава податок дали се славело Успението или општиот годишен празник. Дури подоцна, во VI односно VII век празникот Успение Богородично конечно се издвоил, и започнал да се празнува на 15 август, најпрвин во старата црква во Гетсиманија посветена на Успението на Богородица, подигната за време на царот Маркијан (V век).
Воведувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во Византија, му се припишува на царот Маврикиј (VI – VII век), а веројатно во знак на победата која тој на 15 август, по застапништвото на Божјата Мајка, ја извојувал над Персијците. Можно е дотогаш овој празник да имал само локален карактер. За време на владеењето на овој цар во Византиската престолнина Цариград имало многу цркви посветени на Пресвета Богородица, така што во месец август се празнувале повеќе нејзини спомени.
Веќе во VIII век овој празник е насекаде раширен и утврден, зашто од овој период имаме не само беседи (првата беседа е напишана во VII век од Модест, патријарх Ерусалимски), туку и химни, стихири пропишани за богослужението на самиот празник. Нив ги пишувале св. Андреј Критски, св. Козма, св. Јован Дамаскин, св. Герман Патријарх Цариградски, св. Теофан Исповедник, царот Лав Мудри и др.
Св. Јован Дамаскин во своите беседи, повикувајќи се на Евтимиевата историја ги произнесува сите елементи од преданието за Успението на Пресвета Богородица, кое започнало да се обликува уште многу рано, а се развивало напоредно со историскиот развој на празникот. Тој раскажува дека царицата Пулхерија, жената на царот Маркијан (V век), во Цариград подигнала неколку цркви посветени на Мајката Божја, меѓу кои била и Влахернската црква, каде таа, не знаејќи, имала намера да ги положи земните останки на Богородица. За таа цел му се обратила на Ерусалимскиот патријарх Јувеналиј, кој во одговорот на царицата ѝ напишал: „Макар што во Светото Писмо нема ништо за Успението на Богородица, сепак, од древното и вистинито предание примивме, дека во време на Нејзиното Успение, во Ерусалим се собраа апостолите од целиот свет, каде што ангелите ја опеваа Пречистата Богомајка, Која својата душа Му ја предаде на Бога, а богоприемното тело со ангелски и архангелски песни беше положено во гробот во Гетсиманија.
На тоа место се слушаше ангелско пеење три дена, после што престана. Тука беа сите апостоли, освен Тома, кој дојде после три дена и сакаше да се поклони на телото на Пресвета Богородица; гробот го отворија, но никаде не можеа да го најдат Нејзиното тело, само Нејзината погребна плаштаница, од која се ширеше благоухан мирис. Апостолите заклучија дека Господ го вознел Нејзиното тело на небесата“. Наместо телото, патријархот Јувеналиј ѝ ја испратил на Пулхерија погребната плаштаница, која таа ја положила во Влахернската црква.
За особеностите на празникот црпиме податоци од светото Предание, кое ни зборува за една древна традиција поврзана со Гетсиманската крипта во која се наоѓа гробот на Пресвета Богородица. Тука празникот Успение се слави со особена свеченост. Имено, во Ерусалимскиот метох на Гетсиманскиот манастир се чува Плаштаница на која е насликано Успението на Богородица. Оваа Плаштаница, утрото на 12 август со свечена литија се пренесува од Ерусалим во Гетсиманија (во спомен на пренесувањето на Пречистото Богородично тело од Сион во Гетсиманија), во камениот Богородичен гроб и таму останува сѐ до одданието на празникот, кога повторно со свечена литија се враќа назад во метохот на Гетсиманскиот манастир во Ерусалим.
Инаку, онаа древна служба на празникот Успение, која во многу наликува на службата од Велика Сабота и која се практикува во Гетсиманската крипта на гробот на Пресвета Богородица не е пропишана во Типикот, но сепак, во последниот век таа започна да се шири и во другите православни центри.
Во нашата земја, пак, Бигорскиот манастир прв ја воведе оваа прекрасна традиција, а од таму, во последниве неколку години, таа се пренесе и во други наши храмови. На оваа раскошна и умилителна утрена богослужба е предвидено пеењето на трите статии пред раскошно украсен цветен епитаф, односно пред во него положената Плаштаница, на која е насликано Богородичното Успение. Се пеат и Воскресните тропари „Ангелски собор“, прилагодени за Богородица, а после „Големото Славословие“ со епитафот се прави литија околу храмот.