Забранета за пиење водата од јавните чешми во четири села во Виничко поради бактериолошка загаденост

Поради бактериолошка загаденост забранета за пиење, готвење или за одржување на личната хигиена е водата од јавните чешми и водоводите во виничките села Липец, Лаки, Крушево и Трстија.

Испитувањата на земените примероци вода, што пред неколку дена ги изврши Центарот за јавно здравје од Кочани, покажуваат недозволено присуство на колиформни бактерии, цревни ентерококи, ешерихија коли и псеудомонас аеругиноза. Како превентивна мерка, од Центарот е упатена препорака до локалната самоуправа на Виница да го извести населението и да постави табли дека водата е неисправна за користење.

По барање на Општина Виница, испитување на водоводите се направени и во селата Виничка Кршла, Калиманци, Трсино, Драгобраште, Градец и Пекљани, но таму резултатите одговараат на законските прописи и стандарди за биолошка исправност.

-Освен бактериолошката неисправност, при физичко-хемиската анализа на примероците од водоводите во селата Трсино и Крушево е регистрирано дека водата не одговара на законската регулатива и заради зголемена потрошувачка на калиум перманганат. Поради тоа, потребна е соодветна преработка, таложење, флокулација, коагулација и филтрирање, се истакнува во писменото известување од Центарот за јавно здравје – Кочани.

Од Центарот за јавно здравје нагласуваат дека концентрацијата на резидуален хлор во водоводот во селото Калиманци е многу висока, поради што тој треба редовно да се контролира и нивото да не надминува 0,5 милиграми на литар.