Забранети новогодишните и предновогодишни прослави на отворени и во затворени простори

Владата на денешната седница ги прифати пакет-мерките предложени од Комисијата за заразни болести. Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти, забрани за организирање новогодишни и предновогодишни прослави на отворен и затворен простор, како и препораки до верските заедници, до работните организации и општините.

„Соочени со нов предизвик во битката со Covid-19. Соочени со изборот да продолжиме со превентивните политики и со чекори за излез од кризата сега кога вакцината е на чекор до нејзината испорака или да влеземе во ризик за неодговорно празнување на новогодишните празници, кои се пред нас, Владата на денешната седница одлучи да ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет рестриктивни мерки за периодот од 18 декември до 20 јануари на полноќ, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Covid-19 за време на празниците“, истакна Заев.

Додаде дека Владата донесе и одлука угостителските објекти да работат до 18 часот наместо како досега до 21 часот.

„Целта на оваа мерка да издржиме сите уште малку со ваквите рестрикции и да не дозволиме со празнување да ескалира состојбата. Мерката носи име ‘Празнувај одговорно’, а целта е заштита од Covid-19 во предвечерието на вакцинацијата“, истакна Заев.

Покрај скратување на работното време на угостителските објекти, мерките опфаќаат забрана на прослави на плоштади и во работните организации. Препорака до верските заедници да не повикуваат на масовни групирања за претстојните верски празници. Останува препораката за несобирање по домовите, собири и во викендичките и апел до граѓаните да не се излегува без некоја потреба по 18 часот