Забрчанец на организаторите на настани и порача да конкурираат, за да добијат грант

Организаторите на настани со својот протест пред Владата бараат грантови, а не конкурси, оценува националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец во објава на Фејсбук насловена „Да се протестира или да се конкурира за грант кој треба да се сработи?“.

„Протест пред Владата – инвент индустријата бара грантови, а не конкурси. Сите што некогаш во својот професионален ангажман се бореле да дојдат до работа знаат дека за да ДОБИЕШ ГРАНТ треба да КОНКУРИРАШ“, наведува Забрчанец.

То додава дека за милион евра наменски определени исклучиво за да се обезбеди работа за ивент менаџмент индустријата, секоја компанија треба да осмисли концепт, да конкурира, да ги исполни едноставните услови и да добие грант за да сработи настан.

„Пари има, милион евра. Треба да се осмисли, да се конкурира и да се работи. Може и да се протестира се разбира, ама тоа би било разбирливо ако немаше пари за ивент индустријата. А сега има. Милион за грантови и уште толку за бескаматни кредити. И сега? Да се протестира или да се конкурира?“, додава Забрчанец во објавата на Фејсбук.