Министерството за здравство информира дека на утринскиот состанок, Комисијата за заразни болести усвоила нова мерка – да има 14 дена самоизолација за сите граѓани кои во Македонија со директни летови ќе дојдат од Велика Британија.
Како што информираат од Министерството, оваа нова предлог рестриктивна мерка за влез во земјава ќе биде предложена на Главниот координативен штаб, а е донесена превентивно по информациите дека во Англија се шири нова мутација на корона вирусот и според првичните епидемиолошки анализи е позарзана.
Комисијата за заразни болести засега не ја разгледува опцијата да предложи дополнителна мерка, како задолжителен ПЦР тест за влез во нашата земја, односно да предложи рестриктивна мерка за влез или излез од земјава.
Министерството за здравство апелира до сите граѓани кои патуваат да ги почитуваат здравствените протоколи, како задолжително носење заштитна маска во автомобил или друго превозно средство, а превозниците да ја почитуваат мерката за бројот на патници се со цел заштита на здравјето на граѓаните.