Возилото во сообраќајот на патиштата треба да биде технички исправно, односно треба да има исправни пропишани системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема и да ги исполнува пропишаните барања во поглед на заштита на животната средина. Возилото што е регистрирано во странство може да учествува во сообраќајот на патиштата на територијата на Република Македонија доколку има исправни системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема што се пропишани со ратификуваната Конвенција за сообраќајот на патиштата.
Покрај возилата и велосипедите и велосипед со помошен мотор, во сообраќајот на патиштата треба да имаат исправни пропишани делови и опрема. Согласно правилникот од страна на министерството за внатрешни работи како задолжителна опрема на возилото и велосипедот за безбедно учество во сообраќајот на патиштата е пропишано следното:
Задолжителна опрема за возила
Задолжителна опрема на возилото во сообраќајот на патиштата, е:
1) резервно тркало;
2) противпожарен апарат за гасење пожар;
3) знак за означување запрено возило на коловоз – сигурносен триаголник;
4) опрема за укажување прва помош (кутија за прва помош);
5) клинести подлошки;
6) чекан за кршење на стакло;
7) резервни сијалици и осигурачи;
8) јаже, сајла или телескопски лост за влек;
9) зимска опрема;
10) сигурносен-рефлектирачки елек;
11) сигурносни појаси и наслони за глава;
12) друга опрема;
– табла за означување на „спори возила“;
– табли за означување на „тешки возила“;
– табли за означување „долги возила“ и
– опрема на возила и возачи за превоз на опасни материи.
Резервно тркало
Во моторните и приклучните возила, освен мопед, лесен трицикл, лесен четирицикл, мотоцикл, трактори, тракторски приколки, приколки со една осовина, автобуси за градскии приградски сообраќај и возила наменети за комунални услуги (за миење и чистење на улици; одвезување на ѓубре и др.), треба да има резервно тркало со соодветна опрема која по потреба може да се употреби за демонтажа и монтажа.
Резервно тркало не треба да имаат моторни и приклучни возила ако гумите и металните наплатки се опремени со некој сигурносен систем (на пр: спреј или пена во метално шише под притисок, итн.) за безбедно возење со обезваздушена гума, односно средство за привремено оспособување на обезваздушената гума.
Противпожарен апарат за гасење пожар
Комбинирани возила, патнички моторни возила опремени за користење на алтернативни горива (течен нафтен гас (ТНГ), копримиран нафтен гас (ЦНГ), возила за јавен превоз, автобуси, како и товарни моторни и приклучни возила треба да имаат противпожарен апарат за гасење на пожар поставен на видно место или на место лесно за дофат, при што во случај на опасност може да се употреби. Патнички моторни возила може да имаат противпожарен апарат за гасење на пожар (што значи дека не е задолжително за патничките моторни возила).
Автобуси за градски, приградски и меѓуградски сообраќај треба да имаат по два противпожарни апарати, еден од три килограми и еден од шест килограми. Товарни моторни возила до десет тони треба да имаат еден протвпожарен апарат од шест kg, а товарни моторни возила над десет тони треба да имаат по два противпожарни апарати од шест килограми.
Група возила (друмски тегнач, тегнач со седло, влечно и приклучно возило) треба да бидат опремени со еден противпожарен апарат за гасење на евентуален пожар на моторот и кабината и најмалку уште еден противпожарен апарат наменет за гасење на евентуален пожар на стоката која се превезува. Бројот на противпожарни апарати наменети за гасење на евентуален пожар на стоката зависи од видот и количината на стоката што се превезува.
Знак за означување запрено возило на коловоз – сигурносен триаголник
Во моторните и приклучните возила, освен во мопед, мотоцикл и лесен трицикл треба да има на видно место, посебен стандардизиран знак за означување запрено возило на коловоз – сигурносен триаголник така што возачот да може, според потребата, да го користи. По два знака треба да има во:
– товарни моторни возила и автобуси – ако влечат приклучно возило;
– моторно возило што се наоѓа на крајот на колоната – ако моторните возила се движат во организирана колона.
Знакот има облик на рамностран тријаголник, со рабови во црвена боја чија должина изнесува 40 cm, а широчина најмалку пет cm. Рабовите на знакот треба да бидат обележани со рефлектирачка материја или со црвена катадиоптерска оптика во широчина од најмалку два cm, или изработени така што да можат по целата должина да се осветлат со сопствен извор на светлина.
Знакот треба да биде изработен од цврст материјал и на начин што му овозможува да стои стабилно во вертикална положба.
Опремата за укажување прва помош (кутија за прва помош)
Во моторните возила, освен во мопед, лесен трицикл, лесен четирицикл, мотоцикл треба да има опрема за укажување на прва помош, односно една за кутија за прва помош, а во автобуси со повеќе од 25 места за седење треба да има две кутии за прва помош, така што возачот да може, според потреба, да ги користи.
Клинестите подлошки
Во моторните и приклучните возила, чија најголема дозволена маса преминува пет тони треба да има две клинести подлошки на видно место, така што возачот да може, според потреба, да ги користи.
Чекан за кршење на стакло
Чекан за кршење на стакло во автобуси треба да има во автобусите кои немаат помошна врата за излез на патници во случај на опасност кој треба да биде поставен на видно место, така што во случај на опасност да може да се употреби.
Резервни сијалици и осигурачи
Во моторните возила, освен во мопед, лесен трицикл, лесен четирицикл, трицикл, четирицикл, мотоцикл, трактор, автобуси за градски и приградски сообраќај, може да има на видно место, резервни сијалици и осигурувачи најмалку за половина од сијаличните места на удвоените уреди за осветлување на патот и за давање светлосни знаци и по една сијалица за неудвоените сијалични места за кои е можна замена, само на сијалиците.
Во моторните возила кои се опремени со нови светлосни тела без жарната нитка (ксенон, неон, лед светла и сл.), не треба да има резервни сијалици за тие расветни тела.
Јаже, сајла, телескопски лост и крута врска (руда) за влек
Во патничките моторни возила треба да има на видно место јаже, сајла или телескопски лост за влечење, додека во возилата наменети за превоз на опасни материи треба да има крута врска (лост-руда) за влечење со соодветна хомологациска потврда. Во товарните моторни возила треба да има крута врска (лост-руда) за влечење.
Зимска опрема
Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg се подразбира:
– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од четири mm.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири mm. ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Како зимска опрема за моторни возилата со погона на четири тркала (4 х 4) се подразбира:
– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од шест mm.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири mm. Ако возилото во приборот има синџири за снег, и во случајот кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg се подразбира:
– зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, од шест mm.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири mm. Ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
– автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и
– прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака:
„MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Во патниот сообраќај на возилата не се поставуваат пневматици со клинци.
Сигурносен-рефлектирачки елек
Во моторните возила, освен мопед, лесен трицикл, лесен четирицикл, мотоцикл, трицикл и четирицикл треба да има сигурносен-рефлектирачки елек кој возачот треба го користи – облече кога во темнина го напушта своето возило, кога на пат надвор од населено место или автопат врши некоја работа покрај возилото (менува тркало, обавува помали поправки на возилото, ако налева гориво кога останал без гориво, бара помош на пат и запира други возила и др.). Сигурносниот – рефлектирачки елек е со жолта боја и прилагоден по ЕN-471 стандардот за видливост на облеката за предупредување на големо растојание.
Сигурносни појаси и наслони за глава
Моторни возила за превоз на патници кои покрај седиштето на возачот, имаат најмногу осум седишта и возилата за превоз на товар чија најголема дозволена маса не надминува 3.500 kg. треба да бидат опремени со сигурносни појаси на сите седишта во возилото. Сигурносните појаси на сите бочни седишта (што се наоѓаат на едниот или другиот бочен ѕид на возилото) треба да бидат триточковни, а средишните седишта може да се опремат со двоточковни сигурносни појаси.
Моторни возила за превоз на патници кои покрај седиштето на возачот, имаат повеќе од осум седишта и чија најголема дозволена маса не надминува 5.000 kg. и моторни возила за превоз на патници кои покрај седиштето на возачот, имаат повеќе од осум седишта и чија најголема дозволена маса надминува 5.000 kg. (автобуси), со исклучок на оние што се изработени за превоз на патници во стоечка позиција, како и возила за превоз на товар чија најголема дозволена маса надминува 3.500 kg. а е помала од 12.000 kg. и возила за превоз на товар чија најголема дозволена маса надминува 12.000 kg. треба да имаат на сите седишта, пред кои не се наоѓаат други седишта најмалку двоточковни сигурносни појаси.
Моторни возила за домување – престој треба да имаат триточковни сигурносни појаси на возачкото и совозачкото седиште, додека останатите седишта за патници треба да имаат најмалку двоточковни сигурносни појаси. Моторни возила за превоз на патници кои покрај седиштето на возачот имаат најмногу осум седишта, моторни возила за превоз на товар чија најголема дозволена маса не надминува 3.500 kg. и моторни возила за домување–престој треба да имаат потпирачи за глава на сите седишта што се опремени со триточковни сигурносни појаси.
Друга опрема на возила
Табла за означување на „спори возила“
Моторни возила и приклучни возила кои заради конструкциски причини, на рамен пат не можат да се движат со брзина поголема од 30 км/ч, треба да бидат означени со табла за означување на „спори возила“. На возилото треба да постои најмалку една табла за означување на „спори возила“ и треба да биде поставена на задниот дел од возилото. Ако на возилото има само една табла за означување на „спори возила“, тогаш таа треба да биде поставена на задната лева страна од возилото на висина не помала од 250 mm (до долниот раб на таблата) и не поголема од 2100 mm (до горниот раб на таблата) мерено од хоризонталната асфалтна површина до наведениот раб на таблата.
Моторните и приклучните возила регистрирани во Република Македонија треба да бидат означени со табла за означување на „спори возила“.
Изгледот, основните бои и димензиите на таблата за означување на „спори возила“ се дадени во Прилог број 1, кој е составен дел на овој правилник.
Табли за означување на „тешки возила“
Товарни моторни возила со најголема дозволена маса од 12.000 kg, освен тегнач со седло што е посебно конструиран за тегнење на полуприколки, треба да бидат означени со табли за означување на „тешки возила“. Таблите за означување на „тешки возила“ наменети за вградување на моторни возила треба да бидат зебрасти со наизменично коси бели рефлектирачки и црвени флуоросцентни ленти.
На возилата може да постои една, две или четири табли за означување на „тешки возила“. Бројот на таблите зависи од можноста за вградување на истите на задната страна од возилото. Таблата или таблите за означување „тешки возила“ треба да бидат поставени на висина не помала од 250 mm (до долниот раб на таблата) и не поголема од 2100 mm (до горниот раб на таблата) мерено од хоризонталната асфалтна површина до наведениот раб на таблата.
Табли за означување на „долги возила“
Приклучни возила со најголема дозволена маса помала од или еднаква на 10.000 kg. чија должина (вклучувајќи ја должината на влечната руда) преминува осум m. и приклучни возила со најголема дозволена маса поголема од 10.000 kg., без оглед на должината, треба да бидат означени со табла/табли за означување на „долги возила“. Таблите за означување „долги возила“ наменети за вградување на приклучни возила (приколки и полуприколки) треба да бидат со бели рефлектирачки позадини и црвен флуоросцентен раб.
На возилата може да постои една, две или четири табли за означување на „долги возила“. Бројот на таблите зависи од можноста за вградување на истите на задната страна од возилото. Таблата или таблите за означување на „долги возила“ треба да бидат поставени на висина не помала од 250 mm (до долниот раб на таблата) и не поголема од 2100 mm (до горниот раб на таблата) мерено од
Глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на возач што спротивно на горенаведените одредби, во сообраќајот на патиштата, вози возило што не ги исполнува пропишаните барања во поглед на:
– уредот за поврзување на влечното и приклучното возило,
– системот за управување,
– системот за кочење и
– пневматиците.
Глоба во износ од 120 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на возач што во сообраќајот на патиштата вози возило што нема пропишани системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема, или доколку тие не се исправни.
Опрема за велосипед и велосипед со помошен мотор
Светло за осветлување на патот и обележување на возилото
Едно светло за осветлување на патот на велосипеди и на велосипеди со помошен мотор треба да биде поставено и прицврстено на предната страна на возилото. Светлината што ја дава светлото од став 1 на овој член треба да биде во бела боја, а оддалеченоста на светлечката површина на тоа светло од површината на патот не треба да биде помала од 40 cm ниту поголема од 120 cm.
Едно задно позиционо светло во црвена боја на велосипедите и на велосипедите со помошен мотор треба да биде поставено и прицврстено на задната страна на возилото. Оддалеченоста на светлечката површина на светлото од став 3 на овој член по површината на патот не треба да биде помала од 25 cm ниту поголема од 90 cm. Светлото може да биде поставено со катадиоптер.
Катадиоптери на велосипеди и велосипеди со помошен мотор
Еден катадиоптер во црвена боја на велосипедите и на велосипедите со помошен мотор треба да биде вграден и поставен на задната страна на возилото, а по еден катадиоптер во жолта или портокалова боја – на секоја страна на педалот (од предната и задната страна). Оддалеченоста на рефлектирачката површина на катадиопетерот со црвена боја на задната страна на возилото од површината на патот не треба да биде помала од 25 cm ниту поголема од 90 cm.
Рефлектирачката површина на катадиоптерот во црвена боја на задната страна на возилото треба да биде најмалку осум cm. На бочните страни на предното и задното тркало на велосипедот и велосипедот со помошен мотор треба да има рефлектирачки тела што рефлектираат светлина во бела или жолта боја.
Сопирачки на велосипед и велосипед со помошен мотор
Сопирачките на велосипеди и велосипеди со помошен мотор треба да бидат вградени и поставени за секое тркало, и тоа најмалку по една сопирачка така што да се меѓусебно независни, со тоа што сопирачката на предното тркало треба да биде рачна.
Механичко или електрично ѕвонче
Механичкото или електричното ѕвонче на велосипедите и велосипедите со помошен мотор служи за давање звучни знаци и треба да биде вградено така за да дава едноличен звук со непроменлив интензитет.
Друга опрема за велосипеди и велосипеди со помошен мотор
Друга опрема за велосипеди и велосипеди со помошен мотор со која се опремени овие возилата е:
– брзиномер;
– циклокомпјутер и пулсметар;
– носач или ногарки за потпирање;
– пумпа, алат и прибор;
– калници;
– бидони и држач за бидони;
– багажник;
– кошница;
– клучалка, сајла со катинар;
– торбичка за ставање на резервен алат и
– седиште за деца.
Глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на возач што постапува спротивно на погоренаведените правила за велосипед.
Извор: Правдико