Заев- Бутарис: Придобивките веќе се чувствуваат од Преспанскиот договор

Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, кој на крајот на летото го завршува својот градоначалнички мандат.

На средбата е констатирано дека се остварени заложбите на премиерот Заев и на солунскиот градоначалник Бутарис за пријателство меѓу граѓаните на двете држави, низ политики на искрена меѓусебна соработка и доверба, уште пред потпишувањето на Договорот од Преспа.

Констатирано е дека ќе биде запаметено, дека во специфични политички околности имаше луѓе кои поддржуваа дијалог што е база на денешните воспоставени добрососедски односи.

Оценето е дека политиките на конфликт значат загуба за две страни, исто како што заедничките обиди за изнаоѓање решение, значат придобивка за двете страни.

Премиерот Заев рече дека солунскиот градоначалник, Бутарис, кој е голем пријател на нашата држава, е вграден во постигнатиот Преспански договор.

– Денес, нашите две држави имаат голема иднина пред себе, со многу можности. Договорот од Преспа е стратешко партнерство за области значајни за граѓаните на двете земји. Придобивките веќе се чувствуваат, преку соработката во земјоделството, енергетиката, новите инвестиции, соработката на бизнис заедниците, размената на искуства во областа на екологијата и туризмот, заложбите за олеснувања на граничните премини. Од воспоставените добрососедски односи имаме само бенефити. А начинот на доаѓање до решение, низ искрен дијалог, за чувствителни прашања, што се постигна со Договорот од Преспа  е придобивка на целиот регион, рече премиерот Заев.

На состанокот е заклучено дека отворените перспективи меѓу државите и соработката меѓу градовите допрва ќе ги даде вистинските позитивни резултати