Некои од лицата што го предизвикаа вчерашниот инцидент во Крушево, биле и во Собранието на 27 април, вели премиерот Зоран Заев, во интервјуто за „1ТВ“, тој рече дека станува збор за мала група од 50-ина луѓе, „исфрустриани и мотивирани од некого“, да праќаат некакви пораки, но не се приврзаници на големите политички партии, зашто во последно време го плукаат и ВМРО ДПМНЕ, а и физички се насилни.
Премиерот рече дека е несериозно да се испраќаат пораки, како вчера на Мечкин Камен. Само политичка фрустрација е однесувањето на така високи функционери. Заев кажа дека со Иванов се видел два дена пред чествувањето на Илинден во Крушево. Имале состанок, на кој се разговарало за регионални и многу важни државни прашања. Но, Иванов тогаш зборувал едно, а на Мечкин Камен друго, тврди премиерот. Заев најави дека ќе поднесе оставка ако на референдумот на 30-ти септември, има повеќе гласови „против“ од „ЗА“. Според него, добро е, не само за државата, туку и за ВМРО ДПМНЕ да повика на излезеност на референдумот, а граѓаните да се изјаснат како сакаат.
Рече дека два дена пред прославата на Илинден наводно имал средба со Иванов во Кабинетот на претседателот на која разговарале за случувањата во регионот, за актуелните политички прашања и за безбедноста на државата. На оваа средба станало збор и за прославата на Илинден и се согласиле дека треба да бидат внимателни.
„Но за жал се случи мотивација и од самиот говор на претседателот, кој охрабри наши граѓани да нападнат висока странска делегација и владина делегација“, рече Заев.
Истакна дека оваа група која ги предизвикала инцидентите и кои користат физичко насилство и маваат со предмети не го прават тоа бесцелно.
„Сите знаат дека Македонија има еден правец, а тоа е евроинтеграцијата зашто тоа ни обезбедува убава иднина на државата. Обезбедувањето добра иднина на држават на сите не им одговора“ рече Заев, кој нагласи дека многу поважно е однесувањето на политичкиот државен врв – на Претседателот на државата, шефот на опозицијата кои не нудат алтернатива.
„Никој не кажува како две десни партии од Македонија и Грција ќе направат подобра договор – што не го направија изминатите 10 години? Каде беше Претседателот на државата сите овие годни наназад да направи некој исчекор, некој подобар договор“, рече Заев.
Според премиерот добро е што на референдумот нема да одлучуваат ниту Иванов, ниту Мицксоски, ниту Заев, туку ќе одлучуваат граѓаните. Тој очекува граѓаните во огромно мнозинство да излезат и да го поддржат членството во ЕУ и НАТО и Договорот со Грција.
Заев кажа и дека и претседателот Иванов и шефот на опозицијата биле редовно информирани за текот на преговорите секогаш кога имало поместување во разговорите и на средбите се разговарало за сите детали, како да се зачува иднината на државата и да се сочува идентитетот.
Заев рече и дека ги потсетива Иванов и Мицкоски дека „со години се крстеа“ во референдумот, за денес „да не можат да соберат сили“ да повикаат на референдум, па народот да излезе на гласање, без разлика дали ќе гласа „за“ или „против“.