Граѓаните најдобро знаат дека не само зборот, туку и делата за искоренување на сиромаштијата се нашиот секојдневен мотив. Ова во порака на Светскиот ден на борбата против сиромаштијата, го изјави премиерот Зоран Заев, кој нагласи дека изминативе години се одело кон подигнување на животниот стадард и намалување на трошоците за граѓаните, а со тоа и стапката на сиромаштијата.
„Минималната плата ја зголемивме на 14.500 денари, односно дури за 5.500 денари повеќе од минимумот кој дотогаш го примаа текстилците, кожарите, чевларите за својот тежок труд. Социјалната реформа направи пресврт во начинот на кој државата се грижи за социјално-ранливите, и го подобри животот на околу 300.000 граѓани. Социјалната помош се зголеми и до 300 отсто. За три пати е зголемен опфатот на деца кои добиваат детски и образовен додаток.“ – изјави Заев
Со укинување на радиодифузната такса, воведување на евтина тарифа на струјата, намалување на сметките за парно, влијаеме врз домашните заштеди кои се одразуваат во сиромаштијата, вели Заев. Реагираа од ВМРО ДПМНЕ. СДСМ со своите политики не само што не ја намали сиромаштијата во Македонија, туку таа бележи енормен пораст, велат од најголемата опозициска партија.
„За само една година трагичните економски политики на премиерот на една од најсиромашните земји во светот Заев, ја зголемија сиромаштијата за дури 6 %. Македонската економија се соочува со рецесија која не е видена од 2001 година. СДСМ да се грижеше за најранливите немаше да остави над 40.000 граѓани без своите работни места за само неколку месеци“. – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Попусто СДСМ се фали со укинување на радиодифузната такса, кога ја зголеми цената на струјата само за да народот плаќа повисоки сметки, а сиромаштијата да се зголемува, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.