Се зголемува ли руското влијание во државава? Најде ли премиерот Зоран Заев замена за ЕУ и САД? Ова се прашањата кои се поставуваат во јавноста откако последниот период драстично се зголемија македонско руските бизнис и лични врски. На вакво нешто предупредуваа и западноевропските дипломати.
Премиерот Зоран Заев денеска учествува на руско-македонскиот бизнис форум на кој тој е главен гостин. На конференцијата учествуваат и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
Претходно, вмреженост помеѓу македонската Влада и висок функционер на партијата ЛДП со компаниите на контроверзниот руски бизнисмен Иван Савидис, кој е посочен како главен финансиер на про-руските активности во Македонија, откри „Економски Лидер“ во своето истражување за ширењето на руското влијание во земјава.
Заев е редовен гостин во хотелот на Савидис
Иван Савидис е добар пријател со Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, кој добива речиси безусловна поддршка – главно во финансии – за време на секој изборен циклус. Бутарис пак, важеше за една од главните фигури во периодот на затоплувањето на односите помеѓу Македонија и Грција кои резултираа токму со потпишување на договорот од Преспа. Градоначалникот на Солун влече семејно потекло од влашка фамилија од Крушево, градот во кој се наоѓа комбинатот на Савидис.
Контроверзниот руски бизнисмен поседува два хотели од кој едниот е „Македониа палас“ во Солун, каде во неколку наврати престојуваше и Зоран Заев откако стана премиер. Еднаш на тричасовна средба со Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, каде, како што тогаш пишуваа провладините медиуми, во опуштена атмосфера со морски плодови и сортно вино, тие разговарале за односите помеѓу двата народи.
Втората посета на Заев во хотелот на Иван Савидис беше за време на прославата на Новогодишната вечер во 2018 година, кога тој на покана на Бутарис (која тој ја негираше подоцна), ја прослави „најлудата вечер“ во друштво на својот брат Вице Заев и неколку негови соработници со поубавите половини.
Пендаровски во Москва за Денот на победата
На овие последни трендови се приклучи и Претседателот Стево Пендаровски кој најави дека ќе учествува на прославата на 75 годишнината од победата во Втората светска војна на 9 мај идната година во Москва по покана од рускиот претседател Владимир Путин.
„Еден од главните принципи на нашата држава е борбата против фашизмот. Значи, секако ќе бидам таму“, изјави Пендаровски за време на средбата со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на маргините на Парискиот мировен форум.
Лидерите на Индија, Куба, Франција, Чешка, Венецуела, Белорусија. Ерманија, Бугарија и Србија се меѓу оние што досега го потврдија нивното учество на прослевите. Покана е испратена и до американскиот претседател Доналд Трамп.