Заев и Борисов порачаа дека ја продлабочуваат соработката

По првата заедничка седница меѓу владите на Македонија и Бугарија, којашто во четвртокот се одржа во Струмица, потпишани се договори за економска и трговска соработка, како и договори во областите на одбраната, надворешната политика, енергетиката, туризмот, телекомуникациите, инфраструктура и за реакции при природни катастрофи, иформираа н апрес-конференцијата која се одржа во струмичкиот Дом на армијата во Струмица, премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.

Претходно тие оддадоа почит пред споменикот на поранешниот македонски претседател, Борис Трајковски, во центарот на Струмица.

„Застанавме едни до други со потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, а со денешната владина седница, активиравме уште еден од моторите кој треба да го повлечат целиот регион напред. Оваа свест што ја имаме како Влади, за нашата историска одговорност, да одговориме на моментот што отвара перспективи, е значајна за нашите билатерални односи, е значајна за евроинтеграциите на Македонија, е значајна за евроинтеграциите на регионот“, истакна македонскиот премиер Заев.

„Сега е моментот да се искористи бугарското претседателство, потоа и австриското, и романското и хрватското, за две години темата Западен Балкан не само да добие внимание од сите наши колеги во Европа, но и реално да се придвижи нанапред. Убеден сум дека за не повеќе од два три месеца, ќе успееме да го намалиме роамингот, и луѓето на двете страни да можат мирно да зборуваат“, додаде бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Темата за Балканот е приоритет, а денешната средба е доказ за развојот на нашите односи, порача од Струмица бугарскиот премиер Бојко Борисов на почетокот на состанокот со неговиот домаќин премиерот Зоран Заев. На почетокот на првата заедничка седница на владите на Македонија и Бугарија двајцата премиери истакнаа дека приоритет е коридор 8 за земјите и за регионот.

Високата бугарска делегација која стигна со два хеликоптера под силно полициско обезбедување беше примена во манастирот во селото Водоча, крај Струмица, каде ја пречека македонскиот премиер Зоран Заев, кој му заблагодари на својот бугарски гостин за посетата, истакнувајќи дека тој за него е прво пријател, а потоа колега.

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов на зедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев, исто така, ја нагласи поддршката кон Македонија за членство во Европската унија и НАТО.

„Сакам само да кажам дека завчера при средбата со претседателот на Европскиот парламент Тајани, заедно со парламентарните групи од Европски парламент во Софија, јасно кажав дека сега е моментот да се искористи бугарското претседателство, после тоа австриското, романското и хрватското и за две години Западниот Балкан не да биде само во вниманието на Брисел, туку реално да се придвижи. Убеден сум дека за два-три месеци ќе успееме да го намалиме роамингот. Убеден сум дека и Коридорот 8 ќе се развие. Нашата политика е во политика за присоединување во делот на економијата, енергетиката зошто тоа носи инвестиции и повисоки доходи. Луѓето сакаат работа, да имаат доходи, да може да патуваат и да прават бизнис, а ние сме должни тоа да им го овозможиме“, рече Борисов.

Нагласи дека смета дека перспективата на Македонија во НАТО е од важно значење, и дека како влади ќе продолжат со низа практични дејствија.

Заев, пак, истакна дека заедничката декларација е базирана во духот на отвореноста и довербата, меѓусебното почитување и разбирање со нагласување на важноста на активната регионална соработка како основа за трајна стабилност во Југоисточна Европа.

„Не постои нешто што не сме способни да го направиме подобро од она што мислиме дека можеме. Македонија и Бугарија направија, застаневме едни до други со потпишаниот договор за пријателство, добрососедсво и соработка, а со денешната владина седница активиравме уште еден од моторите кои треба да го повлечат целиот регион напред. Оваа свест што ја имаме како влади за нашата историска одговорност што отвора перспективи, е значајна за нашите билатерални односи, за евроинтеграцијата на Македонија и на регионот“, рече премиерот Заев.

Додаде дека на заедничката седница биле потврдени областите од заеднички интерес за севкупен развој. Како што беше информиран во Струмица челниците и министрите за транспорт на државите од Западен Балкан на 6-ти и 7-ми декември на средба со претставници на Светска банка и со Европската инвестициска банка ќе разговараат за финансирање на изградбата на железничкото поврзување на Македонија, Бугарија и Албанија на Коридорот 8.

Борисов и Заев по заедничката седница на владите на двете држави во Струмица денеска порачаа дека Коридорот 8 ќе биде приоритет за реализација кој ќе понуди многу можности за соработка и забрзување на протокот на стоки и патници.

„На заедничката седница разговаравме за соработка во економијата, енергетиката, инфраструктурата, ќе ја развиваме прекуграничната соработка, ќе продолжиме со потребните реформски процеси за евро и евроатланските интеграции. Да ги зајакнеме трговските и бизнис врските. Промовиравме патување на туристи од трети земји, вклучувајќи развивање заеднички туристички производ“, рече Заев.

Посочи дека со Борисов разговарале за дополнително снабдување со гас на двете земји, како и за реализација на Коридорот 8 како врвен приоритет од заеднички интерес. Заев истакна и дека пред претседавањато на Бугарија со Европската унија, Македонија ја надгради соработката, преку директна поддршка во реализација на реформските процеси и помош од бугарските искуства и екпертиза.

„Една од најголемите желби е навистина од Скопје да не се патува четири-пет часа, туку многу брзо, тоа да биде возможно како алтернатива по убав автопат или по убава железница. Тоа е Коридорот 8 кој е лепеза на можности за граѓаните од целиот регион“, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со Борисов.

Според Борисов, интересот да се финансира проектот е многу голем од сите затоа што гледаат дека реално може да се реализира. Тоа, потенцира, треба да се случи со поголем притисок и гарантирано финансирање.

„Со колегите кои ќе дојдат ќе ги стиснеме рацете кој има потреба од финансирање да користи средства од банките и да видиме што би дала Европската комисија и буџетски средства исто така. На 6 и 7 декември ќе бидеме чекор напред“, рече Борисов.

За железничката линија Скопје – Софија на територијата на Бугарија се готови проектите и, како што рече Борисов, познато е колку ќе чини. На македонска територија сè уште не се обезбедени пари за третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија.

Како што информираше Заев, најдоцна за шест месеци треба да се создадат услови за стапување во сила на денеска потпишаниот меморандум за намалени цени во роаминг меѓу Македонија и Бугарија.

„Според законите, договорот за роаминг би се реализирал за шест месеци, но верувам во перформансите на двете држави дека може да го направат и за три, а секако ќе бидам многу радосен дури и ако биде многу порано. Она што треба да го очекуваат граѓаните е дека може да се случи и за помалку од шест месеци. Сето тоа мене многу радува поради тоа што значи поевтина комуникација, а кога има комуникација има и бизнис и соработка, размена на култура и сè што важи за граѓаните“, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања.