Премиерот Зоран Заев одржа прес-конференција за медиумите откако денеска имаше онлајн состаноци со челниците на ЕУ.
-Првата меѓувладина онлајн конференција на Северна Македонија со ЕУ ќе биде позитивен сигнал и до целиот регион. Изразивме надеж дека оваа подготвеност на Северна Македонија ќе се формализира и со освојување на рамката на почетокот на идниот месец, по што ќе следува и првата меѓувладина конференција до крајот на годината, рече премиерот Зоран Заев.
ЕУ е силно определена ништо да не го попречи процесот на проширувањето, потенцираше тој.
-Заклучивме дека е вложено многу од двете страни, остварено е многу и сме подготвени да ја исполниме нашата ЕУ агенда. Нема да дозволиме причини за нови одлагања, затоа што членството во ЕУ е наша свечена обврска во име на иднината на државата и граѓаните. Нашата земја останува посветена на негување на добрососедските односи, со континуирана имплементација на Договорот од Преспа и на Договорот на пријателство и добрососедство со Бугарија, кои донесоа нова енергија и придонесоа за обновување на интензитетот за проширувањето на Европската унија со земјите од регионот- рече Заев.
Според него нашите силни аргументи се дека договорите со Грција и со Бугарија не се само буква на хартија и се реализираат од сите аспекти, дека со Бугарија имаме решено неколку историски периоди и тоа што е решено се имплементира. Тој верува дека ќе се најде решение со Бугарија и дека таа нема да не блокира во ЕУ.
– Верувам дека не е во интерес на ниту еден од народите, ние како Македонци никогаш не би го направиле тоа на нашите браќа Бугари. Гледам на позитивната страна од медалјата, верувам во европските вредности на двете земји, рече Заев.
Дали ќе се реши проблемот со новите бугарски барања со декларација, со анекс, со пропратно писмо или на некој друг начин тој не можеше да прецизира, но ја отфрли можноста од потпишување нов договор покрај постојниот, за кој рече е толку добар што подобар не може да се постигне.
-Ние имаме одличен договор. Тој беше основа и за Преспанскиот договор. Тоа беа храбри чекори од бугарска и од македонска страна. Не верувам дека постои подобар договор што може да се постигне меѓу македонската и бугарската страна. Постои начин да се реши тоа , дипломатијата познава начини,рече Заев.
Тој соопшти дека пред 11 октомври имал за последен пат разговор со неговиот „ голем пријател и брат“ Бојко Борисов со кој разговарале на многу теми.
-Секако рековме дека треба да ги охрабриме двете комисии да продолжат сор абота. Други разговори немавме, но ако треба ќе разговараме пак, да ја завршиме оваа работа, рече Заев.